Под силно полициско обезбедување, српскиот претседател Александар Вучиќ престојува во дводневна официјална посета на Загреб, на покана на неговата хрватска колешка Колинда Грабар Китаровиќ.
Ќе разговараат за судбината на исчезнатите лица и културното богатство во Југословенската војна, соработката при апсење на осомничени воени злосторници, малцинствата, и нерешеното гранично прашање.
Претходно Вучиќ изјави дека е изненаден од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кој бара дискусија и за воената отштета и шестмесечен мораториум на теми од билатералните односи од минатото.
Ако се суди според насловите во печатот и изјавите на политичари во Белград и во Загреб, се стекнува впечаток дека е нејасно зошто претседателот на Србија Александар Вучиќ воопшто ја посетува Хрватска.
Од една страна се слуша дека Вучиќ не е добредојден во Загреб, а од друга во Белград најблиските соработници на претседателот го советуваа да не заминува. Поради тоа аналитичарите во Белград се со неподелено мислење дека единствената работа која односите на Србија и Хрватска ги држи на колку-толку пристојно ниво е притисокот од Западот, кој, според нив, всушност и стои зад зад овие средби на највисоко ниво.
Полицијата забрани на Плоштадот Свети марко да се одржи протест против посетата на српскиот претседател, како што најавија организаторите. Наместо тоа, протестот е на главниот плоштар Бан Јелачиќ.






