Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загадување на животната средина и природата“, СВР Битола поднесе кривични пријави против ЕЛЕМ, тројца поранешни директори и еден раководител во РЕК Битола.
СВР Битола соопштува дека по добиена претходна пријава испратена до нив констатирале дека пријавените физички лица, не се придржувале кон прописите за заштита и унапредување на животната средина , не ги реконструирале постоечките ниту поставиле нови филтри за прашина со што дозволиле да се пропуштаат штетни честички количински повеќе од 50 милиграми на метар кубен.
Исто така, пријавените физички лица дозволиле да се врши отпепелување на одлагалиштето, каде што често се создавале воздушни вртлози од пепел со земја. На тој начин предизвикале пораст на статистичкиот показател на загаденост на воздухот во град Битола, што претставува опасност по здравјето на луѓето.
Кривичната пријава, се однесува на ЕЛЕМ како правен субјект, а не на поранешни директори во оваа компанија. Освен за ЕЛЕМ, кривични пријави се поднесени за Иван Кукоски, ВД директор на РЕК Битола од февруари до септември минатата година, Јовко Крстевски, директор на РЕК Битола од 2014 до 2017 година, Оливер Зикоски директор на производство во РЕК Битола, Зоран Михајловски раководител во РЕК Битола и Симон Атанасов директор на депонијата за отпепелување .
Пријава до СВР Битола во мај минатата година поднесоа од невладината организација „За нас се работи“ со која бараа да се утврди кривична одговорност на раководни лица во РЕК Битола и ЕЛЕМ бидејќи „од 2010 година не презеле мерки за заштита на животната средина, за да се спречи ширење на радиоактивниот отпад од депонијата во близина на РЕК Битола, во село Новаци“. Во пријавата пишува „при одложувањето на отпадот во вид на гзура и пепел кои се опасни и радиокативни , несовесно и со непреземање на мерки, при појава на појак ветер , не го спречија проширувањето на овој радиотактивен отпад надвор од одложеното место и со распространување низ пелагониската котлина и поблиските села го загадија воздухот , водата и почвата со што предизвикаа опасност по здравјето на луѓето, растителниот и животинскиот свет, иако знаеле дека може да дојде до загадување на околината“.
Активистите за чист воздух во Битола, денеска за НОВА изјавија дека бараат што побрзо да се постават филтри на РЕК Битола, со кои ќе се спречи емисија на штетни материи но и мерки со кои отпадната пепел од комбинатот нема повеќе да се шири во околината.
Иван Чулакоски од невладината „За нас се работи“, вели дека на наредната седница на Советот на општината , ќе побара да се отпочне постапка за собирање на 10.000 потписи за да се поднесе предлог закон за заштита и намалување на влијанието врз човековата и животната средина од енергетскиот комбинат АД ЕЛЕМ Скопје, подружница РЕК Новаци со кој ќе се бара субвенционирање на цената на струјата за граѓаните на Општина Битола.
Исто така и промена на филтрите во РЕК Битола, преместување на седиштето на АД ЕЛЕМ од Скопје во Битола и реализација на проектот за топловод од РЕК Битола кон Општина Битола.
Чулакоски кој е сега советник во општина Битола, вели дека за 3 милиони денари е намален износот на пари од општинскиот буџет наменет за заштита на животната средина.
(ВИДЕО) Министерството за екологија бара научни докази за загадувањето
Од ЕЛЕМ денеска изјавија дека новото раководство преземало мерки во насока на заштита на животната средина, односно во 2017 година започнале постапка за набавка на опрема за стандардизирање на отпепелувањето, која ќе спречи отпадната пепел да се шири во околината.
За 2018 година предвидени се средства за набавка на електростатски филтри кои ќе спречат емисија на штетни материи во воздухот.
Резултатите од анализата направени лани, покажаа дека во еден поширок регион околу РЕК Битола, до границата на самиот град имаше за неколкупати зголемени емисии со цврсти честички од тешки метали како што се бакар, хром, никел и уште неколку метали, а честички ураниум 238 беа детектирани и на Пелистер .