Џејкоб Зума поднесе оставка на функцијата претседател на Јужна Африка, и со тоа стави крај на повиците за повлекување по обвинувањата за неколку корупциски скандали, кои доведоа губење на поддршката од неговата владејачка партија Африкански национален конгрес.
-Не треба да се губат животи поради мене, а исто така ниту во АНК никогаш не треба да има поделби поради мене, рече Зума во телевизиско обраќање до јавноста вечерва.
Овој чекор следи откако АНК свика вонредно гласање за недоверба на лидерот, еден ден откако јавно побара негова оставка. Партиските функционери во вторникот одлучија да побараат “повлекување” на Зума, откако не успеаја лично да го убедат да се повлече.
По објавувањето на оставката, Зума изјави дека не се согласува со одлуката на неговата партија и дека отсекогаш бил “дисциплиниран член на АНК”.
-Откако ќе заминам од функцијата, ќе продолжам да им служам на луѓето од Јужна Африка, како и на АНК, организацијата во која го поминав целиот мој живот, рече Зума.
Зума (75) преживеа повеќекратни обиди од опозициските партии да го соборат за време на неговите повеќе од осум години на власт, со што го доби прекарот “Тефлонски претседател”.
АНК со месеци се обидуваше да изнуди оставка од Зума . Тој беше отстранет од лидерската позиција во партијата во декември, кога со тесно мнозинство беше избран милионерот Сирил Рамафоса, поранешен синдикален водач , наместо противкандидатката Нкосазана Дламини-Зума, поранешна сопруга на Зума.
Рамафоса во неделата изјави дека неизвесноста околу иднината на Зума нанесува штета на партијата.
Како што пренесуваат медиумите во светот, специјалната единица на Јужна Африка денеска извршила претрес во домот на фамилија која се поврзува со Зума, како една од највлијателните во државата.
Тројца луѓе биле уапсени како дел од истрагата која се води за богатото семејство Гуптас, кои се обвинети дека преку Зума успеале буквално да ја поседуваат државата со економско и политичко влијание.
За сега и Зума и Гуптас ги отфрлаат обвинувањата.
Кои се моќниците Гуптас?
Оваа фамилија од индиско потекло има широки крупни бизниси во Јужна Африка, од технологија, рудници, авиокомпании, медиуми и слично.
Тројцата браќа Атул, Раџеш и Аџај се преселиле во Јужна Африка во 1993 годин од Индија. Тие важат за блиски пријатели на синот и ќерката на Зума.
Според јужноафриканските критичари, ова семејство буквално ја држело државата во своите канџи, а така успеале да ги прошират своите бизниси.