Советот за безбедност на ОН ја одложи за две недели резолуцијата за прекин на огнот во Сирија. Ова синоќа го соопштија руските дипломати меѓу 15 земји членки нема согласност за прогласување 30 дневен прекин огнот.
Постојаниот претставник на Русија во Обединети нации, Василиј Небензаја ги обвини медиумите за масовна кампања со дезинформации за ситуацијата во Источна Гута, додавајќи оти не се наведува „непријатната вистина“ дека во тој регион има неколку илјади борци, меѓу кои и членови на терористички организации, како Ал Каеда.
Тој на седницата на Совет за безбедност на ОН за Сирија изјави дека од Источна Гута истрелани се неколку десетици ракети врз Дамаск и оти борците намерно се кријат во образовни и медицински институции.
Небензаја наведе дека локалниот медиумски центар во Гута и сириската цивилна заштита, познати како Бели шлемови, се главниот корен на добро платена кампања за дезинформации против сириските власти и нивниот сојузник – Русија.
САД ја критикуваа Русија поради бомбардирањето на Источна Гута во Сирија, велејќи дека Москва има „единствена одговорност“ за повеќе од 400 убиени луѓе во предградието на Дамаск во текот на овој месец. Американскиот Стејт Департмент ја повика Русија да го употреби своето влијание врз сириската влада за таа да престане да убива, во време кога американски дипломати притискаат за резолуција барајќи 30- дневно примирје во Гута.
Портпаролката Хедер Науерт ја обвини Русија дека не ги „зауздува“ сирискиот претседател Башар ал Асад и неговата армија, која изведува сеопфатна кампања за победа врз милитантите во Гута. Без руската поддршка за Сирија нема да се случуваат уништувањата и убиствата во таа земја, изјави портпаролката на Стејт Департментот Науерт.
Сириската Опсерваторија за човекови права соопшти дека над 400 цивили загинаа за пет дена воздушни и артилериски напади на сирискитѕе сили и нејзините сојузници во Источна Гута.
Сириските власти од неделата ја бомбардира Источна Гута, која е под опсада од 2013 година и е последно упориште во близина на главниот град на Сирија, Дамаск.
Според неименувани извори блиски до сирискиот претседател Башар ал Асад, воздушните напади се вовед за копнена офанзива.




