Поетскиот фестивал во Струга започна утринава со засадување дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатот, мексиканскиот поет, романсиер, преведувач и критичар, Хосе Емилио Пачеко.
Добитникот на „Златниот венец на поезијата“, кој од синоќа е во Струга, имаше можност да го запознае градот во кој годинава на големата манифестација со светско реноме ќе присуствуваат 50-ина странски поети, директори на фестивали и на значајни асоцијации и издавачи од Мексико и од регионот.
Меѓу гостите на Струшките вечери на поезијата се и истакнатата данска поетеса и академик, Пиа Тафдруп, повеќе реномирани поети од Израел, Египет, Франција, Кина, Русија, Турција, Словачка, Романија, Шпанија, Чиле, Англија, Индија, Полска, Германија, како и поети од земјава и од регионот.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Центарот за култура во Струга ќе се обрати на отворањето на 52-то издание на реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“.