Нервниот гас со кој се отруени поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, испратен е од Русија како подарок, објавија денеска британските медиуми.
Отровниот агенс го донела Јулија по враќањето од Русија како подарок за татко и од неговите пријатели. Се претпоставува дека подарокот е отворен додека таткото и ќерката биле заедно во ресторан во Солсбери, поради што е отруена и Јулија.
Скрипал и неговата ќерка на 4 март се пронајдени без свест на клупа во Солсбери. Тие се хоспитализирани, како и еден полицаец кој се нашол на местото каде беа пронајдени. Таткото и ќерката се во критична состојба. Британската полиција потврди дека тие се отруени од нервен гас и нападот се третира како обид за убиство.
Сергеј Скрипал е поранешен полковник на руската разузнавачка служба, кој во 2006 година осуден во Русија под обвинение дека шпионирал во корист на британската разузнавачка служба МИ6. Тогаш тој е осуден на 13 години затвор, но во 2010 година е ослободен во рамките на размена на шпиони со САД, по што се преселува во Велика Британија.




