Јасмина Јаначковска од МВР не треба да подлегнува на притисоци и закани за да каже дека не била физички нападната од функционерот на ДУИ, Бекир Асани, таа тоа не треба да го премолчи, порачува Националната мрежа против насилството врз жените.
“Верувам дека како и секој друг униформиран службеник, прифаќајќи да ја работи таа професија е спремна дека секојдневно ќе се соочува со агресивни и насилни лица, а нејзина должност е да се справи на професионален начин. Во нејзината изјава таа посочи дека немало физички напад , туку само вербална расправија и доколку таа смета дека соодветно се справила, ние не сме тие кои што можеме да го кажуваме спротивното“, вели Елена Димушевска од оваа мрежа.
Димушевска вели реакциите во јавноста го прикажуваат начинот на кој општеството функционира, односно таа вели дека честопати вината се бара кај жртвите, наместо кај сторителите.
„Она што требаше да биде реакција на јавноста е осуда на сторителот и поддршка за полицајката да го пријави случајот. Наместо тоа, имаше исмејување, понижување односно истите коментари кои ги читавме и додека траеше иницијативата #СегаКажувам, а чиј фокус беше сексуалното вознемирување како форма на родово базирано насилство“, додава Димушевска.
Истамбулската конвенција треба да и помогне на државата да ја сфати сериозноста на проблемот на насилството врз жените, да ги заштити жртвите а да ги гони сторителите, вели Димушевска.
Основното јавно обвинителство Скопје нема конкретен одговор на прашањето на НОВА, дали функционерот на ДУИ, Бекир Асани, досега бил повикан на разговор по инцидентот кој го предизвика во близина на „Мавровка“ кога полицајка им асистираше на пајак-службите да му го земе возилото поради непрописно паркирање.




