Со свечена прослава утре ќе се одбележи реорганизацијата на агрокомбинатот Џумајлија кој беше даден под концесија на една од фирмите на Субрата Рој.
Планот за реорганизацијата го објави телевизијата Алфа. Со него се предвидува првите градежни работи да започнат до октомври, а за три години да се изградат четири одвоени фарми за крави кои ќе бидат целосно климатизирани и со оддели за механичко молзење, потоа модерна млекарница и објекти за производство на добиточна храна.
Во однос пак на кравите, 20-те илјади грла ќе стигнат од Холандија во неколку фази. Целата инвестиција е проценета на 211 милиони евра.
Како што стои во договорот објавен од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Субрата Рој за земјиштето кое го добива на 15 години, ќе биде должен годишно на државата да плаќа закуп од 121 илјади евра. Со договорот неговата компанија се обврзува од вкупниот износ на инвестицијата за 18 месеци, да вложи 60 милиони евра, а во „Џумајлија“ за три години треба да бидат произведени 75.000 тони сточна храна.
Понатаму, стои во договорот, компанијата на Рој треба да набави најмалку 8000 грла крави во првите 18 месеци, бројка која што во рок од 3 годинитреба да порасне до 20.000 грла крави
Исто така компанијата се обврзува да произведува по 80.000 литри млеко на ден, мора да вработи 900 лица во првите 18 месеци, а во рок од 3 години бројот на вработени да достигне 2000 вработени.
Компaнијата на Рој е должна да инвестира најмалку 200.000.000 евра за 3 години,од кои најмалку 60.000.000 евра во првите 18 месеци, 70.000.000 евра до истекот на 27 месеци и 70.000.000 евра до истекот на 36 месеци, стои во договорот.