Нема повеќе помагања во долговите на земјите од еврозоната од типот на Грција доколку партијата на канцеларката Ангела Меркел победи на изборите следниот месец, изјави германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле.
Сепак, ќе има еден исклучок, самата Грција која се соочува со дефицит од 10 милијарди евра, велат властите од Атина.
„Посилна Европа значи дека секој мора да ја одработи својата должност и да не бара поголеми суми од другите, тоа е погрешен начин да се создаде цврста Европа, тоа е лош поттик“, вели Шојбле во интервју за CNN.
„Доколку канцеларката Меркел биде повторно избрана, убеден сум дека ќе продолжиме кон идејата за силна Европа. Не сакаме германска Европа туку силна Европа а тоа подразбира дека секоја земја-членка, вклучувајќи ја и Германија, ќе треба да ја зголеми својата конкурентност“ надополнува германскиот министер за финансии.
Коментарите на министерот Волфганг Шојбле се должат на изборите на 22 септември.
Меркел со соочува со германскиот електорат уморен од досега најголемите економски помагања на нестабилните земји од еврозоната, чии должнички проблеми се заканија по стабилноста на валутата.
Грција заедно со три други земји од еврозоната – Португалија, Ирска и Кипар, остануваат зависни од заемите на ЕУ и ММФ.
Шојбле напомена дека на Грција и понатаму ќе и биде потребна помош.