Првиот министер за надворешни работи на Република Македонија, Денко Малески, за ситуацијата која се случува денес со протерувањето на руските дипломати од западните земји, меѓу кои и Македонија, коментира дека многу од симптомите наликуваат на она што се случуваше во студената војна.
-Ова е момент кога треба да се изрази солидарност и поддршка како што е направено сега. За да се изрази солидарност со Велика Британија и да се изрази загриженост врз фактот дека за првпат од формирањето на НАТО врз териотирија на земја членка на НАТО употребен е ваков гас кој што е забранет со Женевската конвенција. Едновремено и да се каже дека ова што се слчува на релација Русија – Западот се должи во голема мерка на на политиките што ги водат западните сили, политиката на Доналд Трамп, кој се откажува на водство во светот и ја повлекува моќта на сад во своите граници – вели Малески.
Во однос на санкциите кои може да следуваат откако македонското Министерство за надворешни работи донесе одлука да протера еден руски дипломат, и руската амбасада предупреди дека ќе следуваат последици, Малески смета дека „да се покажува сила врз една така мала земја како што е Македонија е навистина вон разум“.
-Во оваа голема игра што се одвива на меѓународната сцена каде што влоговите се многу поголеми од значењето на Македонија, Македонија мора да земе страна. Руското поведение ја турка Македонија во сојузот со другите западни демократии. Иако тие најавија дека нивната реакција ќе биде симетрична, и ќе протеруваат дипломати, сепак ова ќе ја замисли Русија во своето идно поведение, а можеби ќе ги замисли и Администрациите на Доналд Трамп и Тереза Меј да повеќе обрнат внимание на демократии како Македонија – вели Малески.
Тој е загрижен поради тоа што САД практично се откажува од улогата на водач на светот.
-Тешко е да се носат драматични и силни одлуки од страна на мали држави без поткрепа на САД. Америка го поддржува процесот, но поради внатрешните проблеми и менувањето на курсот на нивната политика, не можеме да очекуваме некое посилно инволвирање на Америка.
Ако најмоќната земја во светот се повлекува, се плашам дека нашиот проблем не ќе може да се разреши, бидејќи веднаш посилната земја, во овој случај Грција излегува со список на свои барања и Македонија ќе биде ставена во ситуација да прифати, евентуално со некои мали измени, или да одбие.
Потребен е ангажманот на големите сили – заклучува Малески.
Министерството за надворешни работи соопшти вечерва дека протерува еден дипломат на Руската Федерација, поради случајот Скрипал.
– Министерството за надворешни работи објавува дека во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, соопшти МНР.
Македонската страна ќе ги носи последиците од протерувањето на рускиот дипломат, објави вечерва руската амбасада во Македонија на Твитер, по одлуката на македонското Министерство за надворешни работи да протера еден руски дипломат поради случајот Скрипал.
– Владата донесе одлука да протера руски дипломат. Целосна одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна, објави руската амбасада на Твитер.
Одлуката на македонското МНР, како што претходно беше соопштено, е донесна по консултации со сојузници и партнери од ЕУ и НАТО.
За случајот Скрипал од 14 земји членки на Европската унија ќе бидат протерани најмалку 30 руски дипломати, во глобална координирана акција како одговор за Москва поради случајот Скрипал.
Британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет вечерва ја поздрави одлуката на македонското МНР да протера руски дипломат од земјава.
-Ја поздравувам одлуката на Македонија, како дел од една исклучителна, обединета акција од меѓународната заедница против рускиот напад со нервен гас на британско тло. Моќен израз на солидарност, напиша амбасадорот Гарет на Твитер.
Одлуката на македонското МНР, како што претходно беше соопштено, е донесна по консултации со сојузници и партнери од ЕУ и НАТО.