Руските напади врз цивилната енергетска инфраструктура на Украина претставуваат воени злосторства, а систематското лишување на цивилното население од основни услови за живот е квалификувано како злосторство против човештвото.
Ова се наодите на Независната меѓународна комисија на ОН за истрага за Украина, објавени на 26 октомври. Комисијата утврди дека нападите биле спроведувани намерно, во согласност со државна политика за лишување на цивилите од електрична енергија и други неопходни услуги и за нанесување страдања.
Украинското Министерство за надворешни работи, во коментар објавен на 28 октомври, го поздрави претставувањето на извештајот пред Третиот комитет на 81. заседание на Генералното собрание на ОН. МНР ја истакна важноста на независната истрага и собирањето докази за повикување на виновниците на одговорност.
Комисијата ги истражувала последиците од нападите особено во текот на зимата 2025–2026, како и нивното кумулативно влијание од есента 2022 година. Нејзината работа се потпира на сведоштва од 255 лица што ја преживеале зимата во погодените области, како и информации од лекари, власти и невладини организации. При температури до минус 21 степен, милиони луѓе се соочувале со долготрајно отсуство на греење, струја, вода и гас. Особено тешко биле погодени постарите лица, луѓето со ограничена подвижност и семејствата со деца.
Според украинското МНР, суштината на наодите е дека разурнувањето било придружено со тешки физички и психолошки страдања и загуба на човечки животи. Министерството нагласува дека руските власти свесно ги претвориле студот и темнината во оружје против цивилите.
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X, ја пренесе пораката:
„Независната меѓународна комисија на ОН ги оцени руските напади врз цивилната енергетска инфраструктура на Украина како воени злосторства. Овие напади биле намерни и дел од државната политика на рф, која ги претвори студот и темнината во оружје.“
Независната меѓународна комисија на ОН ги оцени руските напади врз цивилната енергетска инфраструктура на Украина како воени злосторства. Овие напади биле намерни и дел од државната политика на рф, која ги претвори студот и темнината во оружје.
Повеке: https://t.co/wF96zUg99m— Larysa Dir (@dir_larysa) October 28, 2026
Извештајот опфаќа и трговија со луѓе од 29 земји, преку измама и принуда за нивно вклучување во руските вооружени сили. Комисијата утврдила координација меѓу посредници што дејствувале во различни земји и руските власти.
Како што наведува украинското МНР, луѓето биле намамувани со лажни ветувања за работа, а потоа испраќани во војна против Украина. Многумина загинале, биле ранети или се водат како исчезнати. Министерството ги повикува државите чии граѓани се жртви да ја зајакнат соработката за запирање на мрежите за регрутирање и за утврдување одговорност.
„Зад секое документирано злосторство стојат човечки животи и судбини. Овие злосторства не смеат да останат неказнети“, порачува украинското МНР, нагласувајќи дека правдата и одговорноста се неопходни услови за праведен и траен мир.
Во пресрет на зимата, Украина бара засилена меѓународна поддршка и ефикасни истраги за документираните злосторства.
ЦИВИЛ МЕДИА | ФРОНТЛАЈН ПРЕС





