Лековите кои ќе бидат внесувани преку паралелен увоз задолжително ќе треба да имаат два сертификати, еден од производителот и втор од сертифицирана лабораторија од земјата која што го произведува лекот или од домашна акредитирана лабораторија. Ова е најважната промена која ја предвидуваат измените на Законот за лекови во делот на паралелниот увоз кои поминаа на Влада и во понеделник ќе се најдат на јавна дебата во Собрание, најави министерот за здравство Венко Филипче.
Новина во законот е и што на кутијата на лековите од паралелен увоз задолжително ќе стои упатство за употреба, наместо како досега внатре во кутијата. Со измените, Агенцијата за лекови повеќе нема да може да распишува тендери за лекови.
„ Сертификатот за квалитет е едно од најважните новини во Законот за лекови во делот на паралелниот увоз. Едниот сертификат е задолжителен и покрај ова треба да има и сертификат од сертифицирана лабораторија на земјата производител или од наша акредитирана лабораторија. Има и уште една промена, а тоа е Агенцијата за лекови повеќе да не може да набавува лекови. Што се однесува до упатството на лековите, внатрешното упатство досега се случуваше да се изгуби и во таква ситуација пацинетите не знаат што пијат, затоа упатство ќе стои на кутијата надворешно“, рече министерот Филипче.
Измените во Законот за лекови се одолжија цели два месеца. Министерот Филипче најави дека ќе има јавна дебата и веќе во понеделник на 2. април ќе биде ставен во собраниска јавна расправа.
Во досегашната законска регулатива не се бараше сертификат за квалитет од производителот така што не се знаеше кој лек од каде доаѓа, како е чуван во земјата каде што бил внесен, најчесто Турција, како е транспортиран до Македонија. Поради тоа и големите производители на лекови не сакаат да гарантираат за квалитетот на овие лекови, во државата покрај оригиналните лекови влегуваат и сомнителни и фалсификувани лекувани.
НОВА за лековите од паралелниот увоз на лекови истражуваше пет месеци( ја доби и првата награда за најдобра истражиуваќка сторија на МИМ) при што беа откриени фрапантни сознанија за фалсификувани лекови за што ОЈО отвори истрага, а се пристапи кон измени на Законот за лекови кои во понеделник ќе се најдат во собраниска процедура.