Форумот за демократска Македонијa, заедница на иселеници од Македонија, го поздравува секој чекор што оди во насока на унапредување на правата на помалите етнички заедници во Република Македонија.
-Го поздравуваме и донесувањето на Законот за јазиците, како продолжение на макотрпниот процес на градење инклузивно општество. Сепак, Форумот изразува загриженост околу политичката инструментализација на овој Закон од страна на целокупната политичка елита во државата. Загрижува и недореченоста на делови од законот, кои оставаат широк простор за различни интерпретации, што е чест случај и со многу други закони на Република Македонија, се вели во соопштението.
На крајот, Форумот изразува длабока разочараност од нивото на јавниот дискурс околу Законот за јазиците. „Со жалење забележуваме дека конструктивните дискусии за содржината и легалитетот на Законот сè повеќе паѓаат во сенка на ксенофобичниот дискурс“, велат од Форумот.
Исто така, Форумот укажува дека најостро се спротивставува на ваквата ксенофобична реторика и апелира за нужноста од забрзано спроведување на реформските приоритети на Република Македонија.