Поранешниот претседател на каталонската регионална Влада, Карлес Пучдемон, кој се наоѓа во притвор во Германија, порача дека не е криминалец и дека борбата за независност на Каталонија се базира на демократија и ненасилство.
– Ние не сме криминалци. Два пати победивме на избори, изјавил Пучдемон на средба со двајца пратеници во германскиот Парламент, кои го посетија во притворот.
Пучдемон нагласил дека кривичното дело бунт, за кое го товарат шпанските власти, подразбира употреба на сила. – Немаше насилство, значи нема ни бунт, изјавил Пучдемон на средбата.
Германските власти минатата недела го приведоа Пучдемон врз основа на меѓународната потреница што против него ја објави Шпанија под обвинение за бунт и поттикнување на бунт во врска со одржувањето на референдумот за отцепување и прогласувањето на независност на Каталонија.
Во тек е постапка во која германските власти го разгледуваат барањето на Мадрид за негова екстрадиција во Шпанија.




