Сириските власти денеска ја осудија, како што нагласија, „варварската и брутална агресија“ на западните земји врз Сирија.
Според Дамаск, нападите што рано изутринава ги извршија САД, Велика Британија и Франција, имале за цел да ја спречат мисијата на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЦВБ), која требаше да почне денеска во Дума, со задача да утврди дали во тој град минатата сабота бил извршен напад со хемиско оружје,
– Главна цел на агресијата е да се спречи работата на тимот и да се изврши притисок врз мисијата во обид за прикривање на лагите и измилсиците на Западот, се наведува во реакцијата на сириските власти.
Дамаск во соопштението посочува дека нападите нема да ја поколебаат сириската армија во нејзината решителност да ја засили борбата против бунтовниците и да воспостави контрола врз целата територија на земјата.
– Таа агресија само ќе ги зголеми тензиите и ќе ја загрози меѓународната безбедност, се истакнува во соопштението.
Во исто време, сириската армија соопшти дека при денешните напади врз цели во реоните на Дамаск и Хомс немало човечки жртви.
– Загубите од нападите врз сириската територија се ограничени само на материјални штети, се додава во соопштението.
Сириските власти изминативе денови ги евакуирале опремата и луѓето од објектите што беа цел на денешните напади на вооружените сили на САД, Велика Британија и Франција, јави телевизијата „Ал Арабија“.
Телевизијата повикувајќи се на висок претставник на сириксата армија, тврди дека евакуацијата била извршена по предупредување добиено од Русија.
Истиот извор нагласува дека во текот на денешните напади западните сојузници истрелале околу 30 ракети врз Сирија, од кои „една третина биле пресретнати“ од сириската противвоздушна одбрана.
Друг претставник на армијата на Сирија, како што јави ДПА, тврди дека биле уништени 20 сојузнички ракети истрелани кон местото Касва, јужно од Дамаск, додека според сириската државна телевија, владините сили ги просретнале сите проектили упатни кон реонот на Хомс.
При нападите делумно е прикинато снабдувањето со електрична енергија во Дамаск.
Пентагон претходно соопшти дека биле нападнати лабораторија за научни истражувања во Дамаск, во која се претпоставува дека се произведувало хемиско и биолошко оружје, две складишта за хемиско оружје во реонот на Хомс, како и воен команден центар во близната на овој град.
Според Ал Џезира, меѓутоа, цел на нападите биле воениот аеродорм Меза кај Дамаск, база на сириската противвоздушна одбрана на планината Касин, како и објектите во кои се сместени две бригади на Вооружените сили на Сирија.
Телевизијата нагласува дека биле погодени вкупно девет цели во Дамаск, неговата околина и други реони на Сирија.
Нападите биле извршени со авиони и ракети лансирани од бродови во Средоземното Море, како и од едно пловило во Персискиот Залив, стационирано во близина на Катар.