Грчкото Министерство за надворешни работи (МНР), попладнево преку соопштение реагираше на изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан повикувајќи го да престане да дава погрешна слика за преговорите.
– Го повикуваме комесарот Хан да престане да дава погрешна слика за преговорите кои, како што се покажува, не ги разбира. Најмалку што може да направи е да престане да ги поткопува, соопштуваат од МНР на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан изрази оптимизам дека спорот во врска со името би можел да се реши во следните 15 дена.
“Јас сум оптимист дека во следните две недели ќе имаме решение. Барем решение кое ќе го отвори патот за почеток на пристапните преговори со ПЈРМ “, изјавил тој пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, а пренесува Катимерини.
Премиерот Зоран Заев изјави дека не верува дека спорот може да се реши за само две недели, иако тој би сакал тоа да е можно.
– Убаво е за две недели да го решиме, тоа ќе значи почеток на автоматската покана за НАТО третата недела од денеска преку ратификацијата во земјите членки. Но, верувам дека се работи за недели пред нас, но мислам дека две недели се премалку, рече Заев.