Романската премиерка Виорика Данчиела изјави дека нема намера да поднесе оставка, одговарајќи на прозивките на претседателот дека не е „дорасната да ја води владата“, „спроведува партиски наредби“ и ја претставува слабата точка на Романија.
– Не гледам никакви причини зошто да поднесам оставка, имам поддршка од владејачката коалиција и за овие три месеци, според мое мислење, имав добри резултати, рече Данчила синоќа во интервју за телевизискиот канал „ТВ Романија“.
Таа додаде дека „романскиот претседател нема моќ да го разреши премиерот“.
– Можеби на претседателот не му се допаѓа Виорика Данчила, но мора да има службени односи помеѓу Владата и претседателот. Тој треба да размисли и да го преиспита својот пристап, рече премиерката, потенцирајќи дека ја има поддршката од владејачката коалиција.
Претседателот Клаус Јоханис , три месеци откако Данчила стана прва жена на чело на Владата на Романијаја обвини дека е партиски војник, посочувајчи го примерот дека не информирала за едностраниот предлог на Владата да ја пресели романската амбасада во Ерусалим.
Во Романија, претседателот е надлежен за надворешната политика на земјата и, според неговите надлежности, тој носи конечна одлука за Амбасадата. Тој нема овластувања да ја смени Данчила, но, се смета дека неговото барање создава притисок врз Владата, пишуваат медиумите.




