Во Судот денеска се гледаше целосната снимка за случајот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев. Тој по излегувањето од Судот рече дека со снимката се докажува дека случајот бил монтиран и дека разговорот меѓу него и струмичкиот бизнисмен Сачевалиев на Јутјуб бил објавен со два прекини.
„Имавме прилика да ги видиме снимките и со нив се докажува дека има намерни два прекини на снимките, а кои биле направени со зла намера да се оцрни моето име. Кога се зборува за парите, се зборува за железо, за цемент, за тули, комплетно за организација за црквата. Мене ми е драго што судот овие комплетни докази ќе ги има во предвид и сум убеден дека предметот веќе ќе финишира“ рече Заев.
Со решение од Апелациониот суд видео снимката набавена со ПИ-мерки се гледаше зад затворени врати.
Снимката од разговорот на Заев и струмичкиот бизнисмен Иван Сачевалиев беше објавена на Јутјуб на почетокот на 2015 година кога Заев најави дека ќе почне со објавувањето на „бомбите“.
Во „Поткуп“ Заев беше обвинет дека како градоначалник на Струмица од Сачевалиев барал поткуп од 160 000 евра за дозвола за легализација на земјиште.
Денеска Заев рече дека сведокот Иван Сачевалиев бил агент-провокатор, бидејќи имало истраги против него и се пазарел со тогашната власт за Заев да биде спречен да ги објави таканаречените бомби.