Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска соопшти дека нема „никаква сигурна индиција дека Иран се обидувал да се стекне со нуклеарно оружје по 2009 година.
Според МААЕ, прашањето на иранската нуклеарна програма е затворено по извештајот објавен во декември 2015 година.
Документите за иранската нуклеарна програма објавени од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не докажуваат дека Техеран го прекршил нуклеарниот договор од 2015 година, изјави и поранешниот директор на израелската атомска агенција Узи Ејлам.
– Се што Нетанјаху презентира се стари податоци и не содржат докази дека Иранците не се придржуваат до Договорот. Единствена новост е што нашите разузнавачки служби, можеби Мосад, успеале да дојдат до слични документи и да ги донесат во Израел, посочи Ејлам.
Нетанјаху вчера изјави дека има 55.000 документи и 183 ЦД-а со информации од Техеран, кои според него докажуваат дека Иран лажел за нуклеарната програма.
Тој тоа го нарече „големо разузнавачко достигнување“ и тврди дека документите покажуваат оти Иран лажел за своите нуклеарни амбиции пред да го потпише мултилатералниот договор во 2015 година.
Ејлам наведе дека документите се за иранскиот Проект Амад, кој според Нетанјаху бил активен во периодот од 1999 до 2003 година, но во нив нема ништо за активностите по 2015 година.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера изјави дека израелската разузнавачка информација покажува дека „Договорот не бил изграден врз основи на добра волја и транспарентност“.
Иран негира дека тежнеел да се стекне со нуклеарно оружје.




