Здружението “Љубители на класичната музика” Скопје и годинава, по десетти пат организира концерт по повод интернационалниот празник и роденден на инструментот хармоника.
Свечениот јубилеен концерт по повод Светскиот ден на хармониката ќе се одржи на 6. мај (недела) со почеток во 20.00 часот на Големата сцена во Македонскиот Народен Театар во Скопје.
Влезот е слободен.
Концертот е поддржан преку националната годишна програма за култура на Министерството за култура. Меѓународниот проект “6-ти мај Светски ден на хармониката” македонското здружение на хармоникашите го поддржува со успешна реализација на концерти во земјата и странство.
На концертот ќе настапат реномирани уметници од земјата како и ученици и студенти од класата на Проф. Зорица Каракутовска. На програмата ќе бидат изведени дела од: Зубицки, Дербенко, Бете Илин, Анџелис, Пјацола и други.
Универзитетската професорка по хармоника од Факултет за Музичка Уметност (ФМУ) – Зорица Каракутовска, во септември лани, во театарот Ла Нуова Фениче во градот Осимо, Италија, ја доби светската награда “CIA Merit Award” за 2017 година.
Наградата се доделува година од 1963 година, а проф. Каракутовска е најмладата добитничка досега и единствена од Македонија. Ова е меѓународно признание кое се смета за ОСКАР за посебни заслуги и постигнати успеси во светот на хармониката.
Светската Унија на хармоникашите одлучи 6-ти мај да го прогласи за Светски ден на хармониката во 2009 година.
Причината токму овој ден да биде прогласен за ден на хармониката е датумот на кој во 1829 година за првпат е патентиран инструментот.