Финскиот поет Паули Тапио за книгата „Врапчињата и времето“ (Varpuset ja aika) ја доби наградата „Мостови на Струга“, што ја доделува фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ во соработка со УНЕСКО за најдобра дебитантска книга.
Како што информира СВП, во конкуренција биле 23 книги од 13 држави, а „Врапчињата и времето“ на Паули Тапио трогнува со својата прецизност и длабочина.
– Тоа е зрела, комплексна и од аспект на книжевната техника исклучително вешто компонирана книга која истражува трогателни теми за сложеноста и тешкотијата во општењето меѓу луѓето, за копнежот по значење и комуникација. Низ еден тежок меланхоличен тон сопоставени едни на други се прикажуваат описи на историските методи за мачење, наслови во весниците за превртени бродови со бегалци, а од другата банални, случајни записи во дневник, се вели во соопштението од СВП
Наградената книга според правилата од страна на Струшките вечери на поезијата ќе биде објавена во тројазично издание (фински, македонски и англиски јазик). Таа ќе биде претставена за време на годинашното издание на фестивалот (22–27 август), кога и ќе му биде врачена наградата.
Паули Тапио е роден во 1986 година во северниот фински град Оулу. Студирал финска книжевност и руски јазик на Хелсиншкиот универзитет и работи како книжевен критичар, организатор на настани и преведувач. Тапио превел неколку книги од истакнати руски автори меѓу кои и Сергеи Довлатов и Светлана Алексиевич, како и поезија од млади руски поети. Во моментов работи на Хелсиншкиот универзитет каде предава и спроведува истражувања за својот докторат за формирањето на слободниот стих во модернистичката финска поезија.
„Врапчињата и времето“ e објавена во 2017 година. Истата година ја добил престижната награда за книга „Хелсингин Саномат“, која се доделува за најдобра дебитантска книга проза или поезија за таа година.