Само пешаци може да ја преминат македонско – косовската граница на преминот Блаце која е целосно блокирана во моментов.
Не може да поминуваат ниту патнички возила ниту автобуси, граѓаните кои имаат деловни и приватни обрски од другата страна на границата се нервозни и трпението им е при крај.
Како што изјави за НОВА, генералниот секретар на македонската асоцијација на превозници Макамтранс, Билјана Муратовска, полицијата ги стопира тешките теретни возила на неколку километри пред границата за да не се создава преголема гужва на граничниот премин.
Таа синоќа упапти апел – проблемот мора итно да се реши меѓу двете влади.
>>Превозниците од Макамтранс ја блокираа косовската граница
Премиерот Никола Груевски денеска во 11 часот ги повика на седница своите министри на која ќе се одлучува што понатаму, откако вчера ескалираше трговската војна со Косово.
Косово и Македонија вчера не постигнаа договор за укинување на ембаргото за македонските производи, воведено од косовските власти и за укинување на патните такси за косовските државјани воведени од македонските власти.
„Косово нема да ги укине мерките за забрана на увоз на производи од Македонија се додека Македонија не ги укине воведените мерки“, изјави косовската министерка за трговија и индустрија Мимоза Кусари Лила, по разговорите со македонскиот министер за економија, Валон Сарачини.
Министрите изјавија дека и двете влади остануваат посветени на решавањето на проблемите меѓу двете земји и на повторно воспоставување нормални трговски односи. Сарачини имал средба и со косовскиот министер за финансии, Бесим Беќај, по што изјави дека македонската влада е заинтересирана за што поскоро надминување на настанатата ситуација, бидејки тоа е од интерес и на економиите и на граѓаните на двете земји.
Во согласност со релевантните служби во Приштина, Македонија на Косово извезува стока во вредност од 300 милиони евра, додека извозот на Косово во Македонија, изнесува само 17 милиони евра.
Приштинските медиуми го објавија написот на скопскиот весникот “Дневник” дека македонската влада сериозно размислува за воведување на визите за граѓаните на Косово.
И премиерите на земјата, Хашим Тачи и Никола Груевски синоќа, како што е соопштено од страна на приштинските медиуми, телефонски разговарале за решавање на овие проблеми, но не постигнаа договор.