Словенците в недела, по осми пат од осамостојување, ќе излезат на парламентарни избори на кои ќе гласаат за 90 членови на Државниот збор. Според анкетите, најголема поддршка ужива Словенечката демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша.
Предизборните анкети покажуваат дека мнозинството од 1,7 милиони Словенци со право на глас се незадоволни од четиригодишниот мандат на лево-ориентираната коалиција предводена од Миро Церар.
Анализите укажуваат дека најмногу мандати во парламентот ќе добие СДС со што ќе се отвори можност за формирање влада на десен центар. Но, аналитичарите истакнуваат дека коалицискиот потенцијал на Јанша е релативно слаб бидејќи зависи од изборниот резултат на демохристијанските „Нова Словенија“ и Словенечка народна партија (СЛС) кои може и да не влезат во парламентот.
Во текот на кампањата Јанша се фокусираше на мигрантите и ја користеше ксенофибичната реторика на унгарскиот национал-конзервативец Виктор Орбан кој му ја даде својата целосна поддршка на Јанша. Во своето обраќање до Словенците, Орбан рече дека само Јанша може да го спаси словенечкиот народ и дека тој е “гарантор на опстанокот на словенечкиот народ”.
Јанша беше премиер од 2004 година до 2008 година. Потоа доби и втор мандат во 2012 година но мораше да даде оставла по година и половина поради скандалот кој доведе до судска пресуда против Јанша во 2014 година. Пресудата подоцна беше поништена.




