Сите градски улици и булевари се проодни еден час по завршувањето на бурата. Сите пожари се изгаснати, паднатите дрвја отстранети, а единствено останува дорасчистувањето по општинските улици каде интензивно работиме заедно со општините, изјави началникот на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, Емил Дуровиќ.
По невремето со интензивни врнежи и силен ветер што го зафати Скопје и регионот, како што рече Дуровиќ, веднаш бил одржан состанок на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, на кој учествувале претставници од Градот Скопје, јавните претпријатија и Противпожарната бригада на Скопје за координирање на активностите за побрзо отстранување на настанатите проблеми.
Тој ги повика граѓаните доколку имаат штета или некаков проблем да пријават на телефонскиот број 195.
Оштета за граѓаните нема да има
Одговарајќи на новинарско прашање, Дуровиќ рече дека граѓаните кои претрпеле штета од невремето нема да бидат обештетени зашто според УХМР ветрот дувал со брзина од над 80 километри на час, а тоа се води како непогода.
„Доколку брзината на ветрот е под 72 километри на час штетата ја надоместуваат јавните претпријатија, а над оваа брзина се води како непогода и тоа значи дека нема да бидат обештетени“, рече Дуровиќ.
Најмногу врнежи во Куманово, најмалку во Маврово и Тетово
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) до 13 часот во невремето што зафати делови од Македонија најногу дожд наврнало во Куманово – 20 литри на метар квадратен, во Скопје – Петровец 16, Скопје – Зајчев Рид 11, Лазарополе 4 и помалку од 1 литар на метар квадратен во Маврово и Тетово.
Оттаму информираат дека врнежите на Метеоролошката станица Зајчев Рид траеле само 25 минути и тоа од 11 40 до 12 05 часот, а за тоа време паднале 11 литри на квадратен метар.
Од Управата информираат дека попладнево повторно ќе има врнежи проследени со грмежи и повремено пороен дожд. За утре се најавува нестабилно време но со помал интензитет и претежно во планинските региони.
По невремето, освен Град Скопје реагираа и некои скопски општини.
Општина Центар по денешното невреме, формираше општинско координативно тело за увид на јавните површини погодени од невремето и констатација на штетите и ги повика граѓаните доколку увидат оштетување на јавна површина, да пријават до надлежните во општината.
Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин соопшти дека поплавата на булевар „Јане Сандански“ пред слаткарницата „Палма“ е веќе санирана. Исто така, се детектирани паднати дрвја во паркот во Мичурин, Бојмија и на други локации врз улици и тротоари, паднати кровни конструкции, билборди, бандери и електрични кабли, како и настанати штети врз автомобили и приватен имот.
Силно невреме го погоди и регионот
Федералниот хидрометеоролошки завод во Сараево издаде портокалов метеоаларм за северните региони на Босна и Краина, каде што денеска се очекува невреме со дожд и грмотевици, а на некои места и град.
Минатата недела слично време беше регистрирано и во Словенија, Хрватска и Србија.







