Во галеријата „Хоаст“ во Виена вечерва ќе биде отворена самостојната изложба „Чоколадни капки“ на македонскиот ликовен уметник Ѓорѓе Јовановиќ.
На изложбата, Јовановиќ ќе се претстави со селекција на колажи, цртежи, слики и видеа што тој ги работел во изминативе десетина години, а во чиј фокус се политичките и социјалните премрежија во Македонија како и положбата на уметникот во услови на економска нестабилност.
Во галеријата „Ротор“ во Грац вчера беше отворена групната изложба „Герила на просветителството – Тие не би требале да се преправаат дека не знаеле ништо“ на која со свои дела од циклусот „Изуми за вас прекрасни луѓе“ се претстави и Јовановиќ.
Оваа изложба го означува почетокот на подолгорочната серија на изложби во чиј фокус се уметничките позиции кои се застапуваат за разновидноста во општеството и се против актуелните нелиберални тенденции – во Австрија, Европа и пошироко.
Делата вклучени во оваа изложба се занимаваат со актуелните антифашистички движења, зачувувањето на основните демократски права и слободи како и со општествени односи отаде концептот на нации.