Од Клиниката за хематологија биле повлечени осум серии од лекот Мабтера од компанијата Рош, од страна на дистрибутерот АД.Др.Пановски. Во документот до кој дојде НОВА , се вели дека барањето за повлекување на овие лекови е врз основа Решение на Агенцијата за лекови. Станува збор за лек во форма на концентрат во форма на инфузија од 50 мл и 10 мл наменет за пациенти болни од хронична лимфоцитна леукемија, хочкинов лимфом, ревматичен артритис и други тешки болести кој успешно се употребува многу години. Барањето за повлекување на лекот било испратено на 30 мај годинава.
Фирмата добавувач на лекот бараат од Хематологија да проверат колкава количина од наведените лекови е останата на клиниката, како би можеле да ги повлечат. Во исто време повлечените количини на лекови ќе бидат уредно заменети, се вели во дописот.
„Се надеваме дека ќе не сфатите дека мораме да постапиме согласно наведените решенија иако лековите се уредно набавени и во согласност за дистрибуција на серија“, се вели во известувањето до Клиниката за хематологија.
НОВА побара објаснување од раководството на Хематологија зошто се повлечени лековите и дали им биле давани на пациенти. Од таму со одговор дека овој лек успешно се аплицира на оваа клиника од 2003 година. Но, признаваат дека извесни количини на лекот Мабтера се повлечени од диструбтерот „Др. Пановски“ без да одговорат дали повлечените серии се аплицирани на пациенти.
„Точно е дека веледрогеријата „Др Пановски“ со писмено известување, повикувајќи се на решенија на Агенцијата за лекови и медицински помагала, заради административни причини, побара повлекување на незначителна количина од посочениот лек која до тогаш ја имавме на залиха. Во моментот, во рамки на согласноста за дистрибуција на серија, количините на лекот Мабтера неопходни за пациентите ги имаме на располагање во болничката аптека на ЈЗУ Клиника за хематологија“, се вели во одговорот од раководството на Клиниката за хематологија.

За да дознаеме зошто е повлечен лекот и за колкави количини станува збор НОВА се обрати и до Агенцијата за лекови(МАЛМЕД). По четири дена од таму стигна краток одговор со следната содржина:
„Во одговор на поставените прашања ве известуваме дека се работи за вонредна инспекциска контрола. Доколку по завршување на истата биде констатирана било каква неправилност што влијае на квалитетот на лекот ќе бидете известени како би можела и јавноста да биде запознаена со истото“, се вели во одговорот од МАЛМЕД.
Неајсно е зошто се повлекуваат осум серии од лекот ако немало неправилност.
Во претставништвото на компанијата Рош во Македонија велат дека не се запознаени со овој случај.
„Како носители на одобрението за пуштање во промет на лекот „MabThera“ во РМ, заклучно со денешен датум немаме добиено информација од страна на Агенцијата за Лекови на РМ дека е повлечена серија или серии од наведениот лек“, се вели во одговорот од претставништвото на Рош.
За јавноста, особено за пацинетите кои го користат овој лек остана нејасно зошто се повлечени лековите, имаат ли причина за загриженост болните, дали станува збор за сомнителни лекови или фалсификувани лекови, што е со пациентите кои го примале лекот. Лекарите за НОВА коментираат дека Агенцијата за лекови, која тврди дека во вонредна инспекциска контрола го повлекла лекот, е должна на граѓаните да им објасни за што се работи и дали пациентите кои го примале лекот треба да стравуваат за своето здравје.
Инаку, компанијата дитрибутер на лекот е во сопстевност на таткото на директорката на Клиниката за хематологија, Др. Ирина Пановска.