Илјадници луѓе излегоа во центарот на Лондон против одлуката на Велика Британија за излез од ЕУ.
Организаторите на таканареченото „Народно гласање“ ја обвинуваат Владата на Тереза Меј за хаотично водење на преговорите за напуштање на ЕУ и за занемарување на интересите на граѓаните на Британија.
Според нив Брегзит не е “завршена работа”, и дека мора да се чуе конечниот збор на народот.
-Брегзит е толку голема работа, за што не може да одлучуваат само 650 политичари, туку сите 65 милиони луѓе во земјава и затоа денеска сме тука, за да се чуе гласот на народот, изјави еден од организаторите, Џејмс Мекгрегори од „Отворена Британија“.
Собирот се случува откако високи министри во Кабинетот, меѓу кои и Лиам Фокс и Дејвид Дејвис, укажаа дека Велика Британија се подготвува да се повлече од разговорите без договор.
Протестите се дел од најавената “летна акција” кампањи на повеќе организации чија цел е да го зголемат притисокот врз Тереза Меј и Џереми Корбин.
Паралелено се одржа и контрапротест – маршот за Единство и слобода на Британија во кој учествуваа стотици луѓе.
Велика Британија треба да ја напушти Унијата на 29 март 2019 година, 46 години откако за првпат се приклучи на Европската економска заедница, претходник на ЕУ.
Владата му го даде на Парламентот правото на глас за конечниот договор со ЕУ за напуштање, доколку биде постигнат. Но останува нејасно што ќе се случи доколку биде отфрлен.





