Групата за перформанс Кунстверкштат на Младински образовен форум на 28-ми јуни во Кино Фросина во Младинскиот културен центар ќе настапи со претставата „Немам каде да се вратам“.
Претставата „Немам каде да се вратам“ е приказна за талкањето на сириските бегалци. Да се талка значи и да се трага, да се бега, а во оваа претстава тоа значи и да се најде. Она што ликовите од оваа претстава го наоѓаат е нивниот сопствен однос кон она од кое што бегаат. Дејството се случува во еден од бегалските кампови во Македонија и откако ликовите ќе се соочат со своите задоцнети бури, продолжуваат по својот пат до некоја од европските земји.
Текстот е на Милош Андоновски, режијата на Дени Стојанов, а во претставата настапуваат: Ангел Таневски, Влатко Јовановски, Ива Цветановска, Ивона Кузмановска, Јана Бангиева, Марина Таневска, Петар Мукоски, Срна Дуковска, Тина Спировска, Филип Христовски и Христина Мирчевска.
Овој проект е имплементиран од Младински образовен форум со поддршка од проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија“. Проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија“ е воспоставен од German Federal Ministry for Economic Cooperation and Development (BMZ), а управуван од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH.
Кунстверкштат е група на млади ентузијасти и љубители на театарот, друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критична мисла. Во мај 2017 претставата „ Илустрации за тоа како новата идеја го запрепастува човекот кој не е подготвен за неа ја освои Гран при наградата „Васил К. Ќортошев“ за најдобра претстава на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија во Кочани.
Групата започна со работа во февруари 2014 како интерактивна работилница за перформанс и досега има настапувано на повеќе настани како „Кој се плаши од молкот лош?“, конференцијата за друштвени медиуми и активизам ENGAGE, Skopje Creative Hub, окупацијата на УКИМ „Автономна зона“, како и самостојните изведби на своите перформанси и претстави. Во 2015-та година, групата ја одигра претставата „Ненаучена лекција“ во пет градови во Македонија: Скопје, Велес, Неготино, Струга и Тетово. Во периодот февруари- мај 2016 членовите на групата се приклучија кон проектот „Во чевлите на бегалците“, како дел од перформансот „Нивниот пат“.