Турското обвинителство издаде налози за апсење на 57 офицери од вооружените сили во истрага насочена против организацијата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, која во Турција се смета за терористичка.
Истрагата ја спроведува обвинителството во округот Батмен, но активности се преземени во вкупно 28 окрузи на Турција.
Наредби за апсење се издадени за воен персонал од активниот состав на армијата. Од осомничените, 21 се офицери на жандармеријата, 30 од воздухопловните сили и шест од копнените сили.
Според турските власти, групата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој е во егзил во САД, стои зад обидот за државен удар во Турција во 2016 година. Пет дена по пучот во земјата беше воведена вонредна состојба. По неуспешниот пуч таа беше продолжувана на секои три месеци.
Денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговите партнери во владата се договорија да не ја продолжуваат вонредната состојба во земјата, која истекува во јули, пренесепровладиниот медиум „Сабах“.
Ердоган претходно месецов изјави дека таа ќе биде укината ако победи на изборите, кои се одржаа минатата недела и на кои Ердоган го обнови својот претседателски мандат, а неговата Партија на правдата и развојот со партнерите освои мнозинство во парламентот.




