Во услови кога несогласувањата меѓу Хрватска и Словенија околку Пиранскиот Залив се уште не се надминати, на повидок е нов спор меѓу двете земји – овој пат поради фарма за школки.
Спорот започна откако словенечкиот Државен инспекторат за животна средина и просторно планирање иницирал истрага за постоењето на една хрватска фарма за школки во Заливот, која пред еден месец се проширила и на словенечката страна од поморската граница, утврдена со меѓународната арбитража, која Хрватска не ја признава.
Инспекторатот денеска соопшти дека негови инспектори утврдиле оти бројот на локациите на кои се наоѓаат школките кон крајот на минатиот месец бил зголемен на 90.
Словенечката државна телевизија во саботата јави дека фармата за школки се зголемила десет пати повеќе од април годинава, кога беа одбележани првите осум локации на кои се наоѓаат школките.
Според телевизијата, нема никаков сомнеж дека фармата за школки се проширила и во словенечките води. Телевизијата наведува дека секогаш кога работниците на фармата доаѓаат на локациите со школки, ги придружува брод на хрватската полиција.
Ова не е прв спор помеѓу овие две соседни балкански земји.
Во 2009 година Европската Унија ги принуди двете земји на судска постапка за надминување на судирот кој трае 25 години. Лани летото Арбитражниот суд донесе одлука со која Словенија доби две третини од Пиранскиот залив а на Хрватска и беше дадена предност при повлекувањето на границата на копно.




