Италија и Австрија остро реагираа на договорот што го направи Ангела Меркел за да ја спаси својата Влада.
Соочена со притисокот од баварскиот коалициски партнер и министер за внатрешни работи Хорст Зихофер, вчера беше склучен договор кој предвидува конечен крај на великодушната миграциска политика на канцеларката која беше на сила во 2015 година и доведе на германска територија 1,2 милиони баратели на азил.
Компромист мораше да биде најден бидејќи Зихофер се закануваше дека ќе ги затвори границите на Германија и во тој случај Меркел од него ќе мораше да побара оставка а тоа би значело пад на Владата на најсилната европска економија но можеби и крај на политичката кариера на Меркел.
Компромисот предвидува враќање на сите баратели на азил, веќе регистрирани во некоја друга земја на ЕУ, во земјата во која тој е регистриран. А тоа значи враќање во Австрија во транзитни центри кои се наоѓаат на границата со Австрија и нема да бидат распределни цела Германија како што досега се правеше. Тоа се однесува на четвртина од барателите на азил. Во текот на првите пет месеци од 2018 година ги имаше околу 18.000 од вкупниот број баратели на азил – 69.000 – кои стасале во Германија, велат статистиките.
Да потсетиме дека во Австрија на власт е коалиција составена од конзервативци и екстремна десница.
Виена го обвини Берлин дека договорот ја става земјата пред свршен чин. Шефицата на австриската дипломатија нервозно изјави дека никој во ниту еден момент не побарал консултации со Виена. Владата соопшти дека е подготвена да преземе мерки за заштита на јужната граница со Италија и Словенија и дека ќе постапи исто како и Германија.
Лута е и Италија, првата земја за влез на мигранти преку Медитеранот.
“Австрија има сосема право да прави контроли а и ние ќе го правиме истото”, предупреди министерот за внатрешни Матео Салвини.
Сето тоа го доведува во прашање договорот склучен на самитот на ЕУ минатата недела во Брисел. А договорот предвидуваше дека треба да се претпочитаат заеднички европски а не национални решенија и да и се помогне на Италија.
Но ја доведува во прашање повторно и стабилноста на германската Влада. Меркел го реши проблемот со Зихофер, но го налути другиот коалициски партнер – СПД, центар левата партија. Меркел сега влегува во нова мисија во која треба да го убеди СПД дека договорот е добар. Ако оваа партија го отфрли договорот помеѓу Меркел и Зихофер, тогаш владината германска криза продолжува.
СПД смета дека овие транзитни центри се еден вид затвори а за партијата на екологистите овие центри личат на логори како во нацистичкото време.
Трите коалициски партнер – ЦДУ на Меркел, ЦСУ на Зихофер и СПД имаат средба попладнево во обид да ги испеглаат разликите.




