Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ги покани на средба денеска во 18 часот во Клубот на пратениците лидерите на политичките партии со повеќе од еден пратеник во Собранието. Се очекува на средбата да стане збор за надминување на разликите со опозицијата околу подготовките на референдумот за Договорот со Грција што треба да се одржи наесен.
– Заради исклучителниот политички момент кој наложува проширување на институционалната рамка на лидерските состаноци, на оваа средба во формат 1+1 (лидерот на партијата плус уште еден претставник на политичката партија), се поканети партиите со повеќе од еден пратеник во Собранието на Република Македонија, наведоа во соопштението од Владата.
Според најавеното, поканети на средба се лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на двете крила на Беса Билал Касами и Африм Гаши, на ДОМ Лилјана Поповска, на ДПА Мендух Тачи, на Алијанса за Албанците Зијадин Села, на ЛДП Горан Милевски, на НСДП Тито Петковски и на СПМ Љубисав Иванов – Ѕинго.
Присуството го потврдиле Ахмети од ДУИ, Петковски од НСДП кој на средбата ќе учествува со Горан Мисовски, потпретседател и пратеник од оваа партија, дел од коалицијата на СДСМ, Поповска од ДОМ која ќе дојде со пратеничката Маја Морачанин. Засега нема потврда од лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски.
Ова е првпат лидерска средба да се одржува во ваков состав односно да бидат поканети и лидери на партии кои имаат повеќе од еден пратеник во Парламентот.
План Б
Премиерот Заев ја закажа лидерската средба поради локадата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на изборот на членови на Државната изборна комисија (ДИК), која треба да го организира референдумот за Договорот со Грција.
Владата вчера предложи, а Собранието ја изгласа потребата за носење на Изборен законик, по скратена постапка и со европско знаменце.
Со него се предвидува составот на ДИК да се гласа со 61 глас, а се брише и ставот 3 од членот 27, Комисијата за прашања на изборите и именувањата да не го разгледува предлогот. Измените финално треба да бидат донесени по заседанието на Комисијата за европски прашања, за која нејзиниот претседател Артан Груби кажа дека се уште не се знае кога ќе биде закажана.
Владата и Собранието оставија простор измените на Изборниот законик да не бидат донесени доколку се постигне компромис со опозицијата на денешната лидерска средба.
Премиерот Зоран Заев од вчерашната прес-конфереција со еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје најави дека лидерската средба ќе биде за надминување на разликите со опозицијата околу подготовките за референдумот што ќе следи во Република Македонија.
– Сите треба да останеме посветени на овој момент, да помогнеме на овој процес, како што укажа еврокомесарот, пред се за доброто на граѓаните на Република Македонија, но и на нашите партнери во ЕУ, и затоа најверојатно утревечер ќе свикаме лидерска средба за да ги забрзаме процесите околу подготовката на РМ за престојниот референдум, рече премиерот.
ВМРО-ДПМНЕ го услови изборот на членови на ДИК со усвојување на Законот за финансирање на политичките партии како и со формирање на техничка Влада.
Поради ова формирањето на ДИК за сега е блокирано. Рокот за избор на членови на оваа Комисија истече пред две недели.
Формирањето на ДИК е клучно затоа што ДИК е надлежната институција која што треба да го спроведе референдумот.