Владината служба за информации не дозволува фоторепортерите и снимателите да ги снимаат лидерите кога влегуваат на состанок во Клубот на пратеници попладнево во Скопје, по што тие во знак на протест ги оставија камерите пред влезот – објави порталот „СДК“.
Официјално, на новинарските екипи им е кажано дека не смеат да влезат во кругот на Клубот на пратеници оти „таков е протоколот од безбедносни причини“.
Откако неколкумина се побунија со забелешка дека во изминатите 27 години до сега ниту еднаш не се случило фоторепортерите и снимателите да не смеат да ги сликаат лидерите како излегуваат од колите, по што во знак на протест си заминаа, Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност во Кабинетот на премиерот им дофрли: „Единаесет години ве газеа, ќутевте, а сега ли најдовте да зборите“.
Веднаш потоа Марјан Забрчанец преку Фејсбук даде своја верзија на настанот:
„Не е точно, на сите претставници на медиумите им е овозможен пристап и за фотографирање и снимање, сала за работа и сите неопходни услови. Повеќе од 20 сниматели и фотографи се внатре и непречено работат. На самиот влез безбедносните служби проценија дека просторот кај влезот треба да се ослободи, но двајца фотографи одбија да се упатат во зградата каде што се сите останати претставници на медиумите. Реагираа бутно со напад дека „сме се изживувале“ на што јас одговорив дека станува збор за безбедносна проценка, а не за нечив личен став и дека не се изживуваме со новинарите како што тоа се случуваше во изминатите 11 години“.
Фоторепортерот Роберт Атанасовски исто така преку Фејсбук се огласи дека бил спречен да фотографира на лидерската средба.