Потпретседателката на Собранието на Србија и функционерка на Српската радикална странка Вјерица Радета предизвика лавина реакции и во Србија и во Босна и Херцеговина откако вчера на крајно непримерен и нечовечки начин на својот Твитер профил ја коментираше смртта на Хатиџа Мехмедовиќ, претседателка на здружението „Мајките од Сребреница.
-Слушнав починала Хатиџа Мехмедовиќ од здружението бизнисменки од Сребреница. Кој ли ќе ја погребе. Сопругот или синовите?“, напишала Радета.

Потпретседателката на српската Влада Зорана Михајловиќ изјави дека навикнале од функционерите на оваа партија да слушаат најгрозни зборови упатени до политичките противници, но дека не верувала дека се толку бесрамни и дека ќе навредуваат починати.
-Ова за радикалите не е нешто срамно, бидејќи тие не знаат што е тоа срам. Ова е срам за сите оние кои со своите гласови донесоа вакви радикали во Собранието на Србија, изјави Михајловиќ.
Драган Поповиќ од Куќата на човековите права и демократија на Радета и одговорил со зборовите: „Сопругот и обата сина на Хатиџа и се убиени во Сребреница. И ајде сега кажете ми дали радикалите се нормална и легитимна политичка појава?“.
Независниот блок од БиХ упатил отворено писмо до парламентот на БиХ во кое бара да ја прекине соработката со Српскиот Парламент. Исто така упатиле и писмо до Амбасадата на Србија во БиХ во кое бараат да се изјаснат дали е ова став на Србија.




