Глобалните цени на земјоделските производи во јули драстично опаднаа, бидејќи сите главни трговски стоки забележаа значителен пад, предводени од млечните производи и шеќерот, информира денеска Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) при Обединетите нации (ОН) со седиште во Рим.
„ФАО ценовниот индекс на храната во просек изнесуваше 168,8 поени, 3,7 отсто под нивото во јуни, што претставува најголем пад на месечно ниво од крајот на минатата година. Индексот постојано се зголемуваше во 2018 година, се до јуни. ФАО ценовниот индекс на храната е мерка за месечната промена на меѓународните цени на потрошувачката кошница“, пишува во соопштението на регионалната канцеларија на ФАО во Македонија.
Според податоците на ФАО цената на млечните производи е намалена за 6,6 проценти, на шеќерот опаднала за 6 отсто, а на житните култури се намалила за 3,6 отсто од јуни и сега е под нивото од пред една година.
Иако вредностите на индексот на цената за пченицата и пченката се зголемени кон крајот на јули сепак извозните цени за пченица, пченка и ориз се намалиле.
ФАО ценовниот индекс на маслото од растително потекло е намален за 2,9 отсто, и сега е на најниско ниво од јануари 2016 година.
Единствено вредностите на маслото од семе од репка се пораснати, поттикнати од зголемената побарувачка од производителите на биодизел и негативните изгледи на растителното производство во Европската унија.
ФАО ценовниот индекс на месото забележал пад од 1,9 отсто во однос на вредноста во јуни, која е ревидирана во пресрет на повисоките извозни цени од Бразил поради штрајкот на транспортните работници.




