„Пониски цени на СМС пораките за 50 проценти од 1 ноември годинава и намалување на големопродажните цени за терминација меѓу мобилните оператори, што треба да влијаат на намалување на износот на малопродажните цени“, најавува директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) Роберт Орданоски.
АЕК до петок ќе ја заврши анализата на основа на којашто ќе ја објави големопродажната цена за СМС пораките, по што ќе се спроведе едномесечна јавна расправа и ќе се усвои новиот износ.
– Големопродажната цена моментно е 2 денара, а до петок ќе ја имаме новата цена што ќе ја добиеме врз основа на нашиот модел. Потоа ќе следи едномесечна јавна расправа во која со операторите ќе ги видиме нивните аргументи и контраргументи. На крајот на октомври ќе ја усвоиме цената затоа што според Законот за електронски комуникации важноста е од првиот календарски ден наредниот месец. Значи ако се заврши целата работа до крајот на октомври од 1 ноември ќе стартуваат и новите цени за СМС кои очекуваме да бидат и за 50 проценти пониски од сегашните. Горната рамка ни е 50 проценти намалување, а долната ќе видиме, изјави денеска Орданоски.