Пишува Александар Петров, член на Форум за демократска Македонија
Во овој момент на точно определен крстопат, значајно е да се има предвид и просечната реалност на нештата, која претставува практичен дел од нашиот соживот со Eлените, надвор од логиката на политичкото влијание (ако е тоа воопшто возможно).
Првото присетување кое го помнам од нашите соседски недоразбирања се токму летните периоди, додека се уште се кампуваше по југословенските стандарди на Егејското море.
Многу добро се сеќавам, дека тамошните мештани по туристичките села во меѓусебна комуникација не нарекуваа Сервиа, иако им беше објаснето дека Србија е само единка од федеративната целина наречена СФРЈугославија.
Кога и тие нaминуваа на гости, купувајќи евтина спортска опрема во продавницата на Словенијаспорт во Скопје, не поимуваа да сфатат дека се наоѓаат во друга социјалистичка република.
Тоа беа осумдесетите години и се уште тежеше политиката на урнатата хунта, па беше мачно за нив да се прифати цел еден историски циклус кој во меѓувреме активно се случуваше. Грците милуваат да прескокнуваат историја, ако не им е по ќеф,тие ја игнорираат.
Следеше независноста со целата пропратна тектонска нестабилност во околината, Македонија почна да плови по слободни води.
Повторно се сеќавам, во едно исто такво летно предпладне како осамнаа графитите ширум Скопје, со црвена боја: „СОЛУН Е НАШ“. Тоа беа првичните конзумирања, со кои почна да се нагризува од името. Како дете тоа го доживував симпатично и романтично, дури и јас шарав по трансформаторите низ градот (сите тоа го правеа). Изгледаше авантуристички,тајно да се обележува со спреј во населбата каде ништо не се случуваше.
Во Грција не беше веќе така спокојно и социјалистички, се насетуваа промените и неизвесноста. За првпат летуваме на други далечни дестинации, без автомобилот „Застава“ и приколките „Брако“.
Се случи и ембаргото, кое успеа да задуши цело едно пространство на дотогаш перцепираното.
После тој критичен период, повторно се интензивира колонизацијата на Халкидики, но климата беше битно изменета. Не дочекуваа индиректно, обраќајќи ни се со новиот псевдоним СКОПЈАНОС. Така се навикнале да не викаат во меѓупросторот на затворената граница. Го изговараа погрешно и банално, сакајќи преку главниот полис да го негираат постоењето на државата. Со тоа ја прикажуваа својствената игнорантност да се носат со современите текови, отфрлајќи да прифатат каква било конфронтација. Некогаш успеваа да бидат културни, прескокнувајќи го оспореното, во други случаи беа агресивни, напорни и остро настроени.
Сепак, изборот да одиме таму на море беше наш. И покрај околностите, сето тоа го прифаќаме,колку и потсвесно тоа да не фрустрираше. Бевме на нивна територија, на нивни правила. Воопшто не се менуваа нивните навики и ароганција, кога заради кризата мораа да живеат од нашата погранична околина (Дојран, Гевгелија, Битола). Ние Македонците никогаш не наседнавме на провокации и покажавме една зрела културна свест .
Но, конфронтациите во странство беа сосема поинакви. Во студентските денови знаевме конкретно да се носиме со тежината на таа негација во секојдневното дружење и комуницирање (многу е глупаво, посебно во мултиетничките друштва).
Иако успешно се сплотивме како што студентски прилега, бевме млади и неоптоварени, па битно беше пријателството . По некое заеднички поминато време немаше проблем да се викаме Македонија во меѓусебното почитување. Но,апсурдот повторно се јавуваше при посетата на нивните родители, кои го пренесуваа култивираниот национализам при секоја нивна посета. Конкретно се гледаше судирот на генерации.
Уште тогаш мислев дека оспорувањето е само генерациски проблем, дека со текот на времето се ќе дојде на свое место.
Денеска, грчките колеги кои се вратија во матицата, активно учествуваа на митинзите против името и горди на тоа, постираат слики од плоштадите.
Иако школувани и оформени, не успејаа да го задржат прогресивниот курс.
Името почна да се конзумира поагресивно и од наша страна, да се манипулира околу него, да се поентира,да се антиквизира, а со тоа проблемот да бледи и да се врти во круг .
Иако ќе се постигне политички договор за името, на среден период суштински ништо нема да се промени во нашите односи. Тие ќе продолжат да не викаат Скопјанос, а ние и понатаму ќе се претставуваме дека сме од Македонија. Но шансата која се отвора задава еден друг сооднос, едно постепено растоварување од политичкосоцијалните стеги.
Останува на самите нас да се прилагодиме едни на други преку соодветната новосоздадена партиципација и конфронтација, без притоа политиката да ги загрева страстите, еднаш штом истиот проблем ќе се занемари.
За Грција ќе биде многу тешко да прифати нешто што со години го негира и игнорира, но кога ќе успеат во тоа, ќе направат исчекор битен пред се, за нивното Платонско потекло. Дури тогаш од помош ќе биде и Европејството (со НАТО како интегрален дел).
Европа не е финансиска идила и не смееме да ја сведуваме на тоа. Таа само ќе помогне да понуди еден мост и гаранција, еден културен расчекор на перцепција со кој ќе се надградува и созрева идентитетот на државата како единка во еден нов поширок општествен,социјален и историски контекст.
Иако Европа е во криза долги години ,токму нејзиниот културен модел (со сите проблеми) успева да ја регенерира и одржи во живот,да ја прави амбициозна и храбра во овие неизвесни времиња.Новата генерација која ќе расте и ќе се развива во такви услови ,ќе понуди многу повеќе од нашата миопиа.Таа младина ќе мора да успее преку својата придобиена автентичност и разлика да ја еманципираат и подобрат целокупната Еленистичката опција, до степен кога и на самата Грција ќе и биде од корист да не нарекува Република Македонија.
Ќе мора да се растовари безграничниот простор во кој ќе блесне таа именка, што толку зрачи сонце. За остатокот од светот, ние сме веќе тоа што сме.
П.С.
Грчката демократија е традиционално поделена на две династии, Мицотакис и Папандреу. Оваа последната колабира на изборите и со изгубената политичка рамнотежа, се роди нова опција која конечно излезе од стегите на митологијата. После СИРИЗА, генерациски ќе се промени пристапот кон целокупното балканско гледање на нештата, па дури и Нова демократија да добие уште некој ден повеќе…




