Мирсада Џуџевиќ Керими се предомисли и ја повлече претставката од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за болницата Санте Плус. Мирсада е жената која во снимен разговор за НОВА тврди дека живее во страв дека ќе и излезат цревата по три неуспешни операции во болницата Санте Плус во Турција и една во болницата во Скопје. Таа покрај обемната медицинска документација достави и фотографии од раната на нејзиниот стомак на кој веќе нема мускули туку само тенок слој на кожа поради што постојано мора да носи тврди стегнат појас кој и ги држи цревата за да не излезат.
Откако ги алармираше сите институции: ДСЗИ, Лекарска комора, Министерство за здравство, Владата на РМ, Мирсада Џуџевиќ сега го тврди спротивното, дека во Санте Плус во Скопје не се превземени никакви дејствија за да се влоши нејзината состојба, ниту пак има последици по нејзиното здравје од Санте Плус во Скопје.
Во ДСЗИ за НОВА потврдија дека во новата изјава која ја доставила, таа тврди дека целокупниот третман по операција на кила и естетската операција е извршен исклучиво во болницата Санте плус во Истанбул, а не и во Скопје.
Сепак во ДСЗИ објаснуваат дека и покрај тоа што ја повлекла претставката, постапката по наводите од поднесената претставка продолжуваат и понатаму пред надлежните државни институции. Тоа значи дека МВР ќе продолжи да го истражува случајот бидејќи ДСЗИ на барање на Министерството за здравство случајот го предаде на органите на прогонот.
„ Таа ја повлече претставката но, сите документи од лекувањето останаа. Нашите забелешки дека во болницата не се води евиденција и дека работат надвор од дозволата за работа остануваат. Очекуваме и МВР да постапи по пријавата и да го истражи случајот“, велат во ДСЗИ за НОВА.
Мирсада за НОВА потврди дека ова го сторила по разговор со сопственикот на болницата Санте Плус од Турција кој дошол во Македонија и и ветил дека повторно ќе ја оперираат на нивен трошок, но и санкции за лекарите кои неуспешно ја лекувале до сега.
„ Од Владата очекував помош но никој не ми ја пружи. Додека тие ги бараа неправилностите во администрацијата јас имав болки и не можев да чекам повеќе за операција. Сопственикот дојде, ми се извини и ми вети дека ќе ми обезбеди најдобри услови за лекување“, рече Мирсада Џуџевиќ Керими.
Неофицијално, извори од болницата велат дека на пациентката и бил понуден богат финансиски надоместок и повторно операција, доколку ги повлече пријавите. Нема потврда за ваквите информации и шпекулации во јавноста.
Во изјава за НОВА оваа жена претходно раскажа дека по трите неуспешни операции била доведена до фаза на сепса, со три болнички бактерии поради што примила 95 инјекции во болницата каде и била третирана раната, а потврди и дека била оперирана уште еднаш во Санте Плус во Скопје при што посочи и двајца лекари со име и презиме кои немаат дозвола да вршат вакви операции во болницата.
Во болницата Санте Плус во Скопје пред инспекторите не признавале дека Мирсада била лекувана во Скопје. Тие тврделе дека не ја познаваат, а инспекторите откриле дека не постои ниту евиденција за нејзиното лекување во болницата Скопје. Мирсада пак, тврдеше дека е шокирана од изјавата на раководството на болницата во Скопје дека не ја лекувале.
Од кабинетот на премиерот Заев од ДСЗИ веднаш побараа да се реши овој случај и за седум дена да ги известат што е направено.
По ова, ДСЗИ случајот го пријави во МВР, а поради откриените неправилности од министерот за здравство Венко Филипче побара трајно одземање на дозволата за работа на болницата Санте Плус во Скопје.
Надлежните, кои не се откажуваат од понатамошното постапување по неправилностите во болницата, укажуваат на опасноста во иднина да се зголеми бројот на пациенти кои ќе пријавуваат неправилности во ДСЗИ, а преку медиумски притисок на најбрз начин без судска постапка и трошоци околу тоа, ќе се обидат да дојдат до финансиски надоместок од болниците каде не биле соодвено третирани.