Ураганот Флоренс, кој се доближува до источниот брег на САД, ослабна до ураган од втора категорија според скалата на Сафир-Симпсон од пет степени, соопшти Националниот центар за следење на урагани.
Тој се наоѓа на 520 километри источно-југоисточно од летувалиштето Муртл бич во Јужна Каролина со максимална брзина на ветрови од 175 километри начас.
Невремето се движи кон северозапад со брзина од 28 километри на час, соопшти Центарот, а властите во Јужна и Северна Каролина затворија неколку пристаништата.
Бура чудовиште
Долги колони од автомобили се формираа на патиштата на источниот брег на САД. Населението се евакуира кон внатрешноста, пред налетот на ураганот , за кој експертите велат дека може да биде еден од најкатастрофалните досега.
Повеќе од еден милион луѓе од вкупно пет во погодените области се во движење. Ударот се очекува во следните 48 часа.
– Оваа бура е чудовиште. Голема е и злобна. Ова е историски ураган, екстремно опасен по живот. Тоа е причината зошто нареди взадолжителна евакуација на островите и барам од жителите на Северна Каролина да ги послушаат наредбите за евакуација по должината на брегот, изјави Рој Купер, гувернер на Северна Каролина.
Доколку ураганот ја зголеми силата штетата може да биде огромна, а жителите на Северна и Јужна Каролина се подготвуваат.
Џеф Бајерд, претставник на Федералната управа за вонредни ситуации истакна дека ураганот Флоренс ќе биде „како удар на Мајк Тајсон по крајбрежјето на Северна и Јужна Каролина“.
Американскиот претседател Доналд Трамп повтори дека безбедноста на американските граѓани му е на прво место.
– Не жалиме за трошоците. Ние сме целосно подготвени, рече Трамп и додаде дека Флоренс би можел да биде „еден од најсилните урагани кои некогаш го погодиле источниот брег“.
Според американската Национална метеоролошка служба, повеќе од десет милиони жители во три американски држави се предупредени на опасноста од ураганот Флоренс.




