Во Белград денеска се одржува Парада на гордоста, која традиционално се одбележува преку прошетка низ улиците во центарот на главниот град на Србија.
Во поворката, украсена со знамињата на виножитото симбол на ЛГБТ заедницата и балони и под силна полициска придружба се и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, министрите во Владата на Србија Бранко Ружиќ и Зоран Ѓорѓевиќ, градоначалникот на Белград Зоран Радојичиќ и преставници на дипломатскиот кор.
Министерот Ружиќ истакна дека промовирањето на толеранцијата е обврска на сите, на Владата и на граѓаните, бидејќи „рамноправноста е загарантирана со Уставот и законите”.
Тој додаде дека со измените на Законот за матичните книги е направен исчекор, бидејќи е овозможено промена на полот да се запише во матичните книги.
ЛБГТ заедницата во Србија и годинава има неколку барања, меѓу кои е и законот за истополовите заедници.




