Рускиот воен авион Иљушин 20 бил соборен со ракета од сириски комплекс С-200, соопшти Министерството за одбрана на Русија.
Според МО, израелски авиони намерно создале опасна ситуација во подрачјето на Латакија. Криејќи се зад рускиот авион, израелските воени авиони го ставиле на удар на сирискиот систем за ПВО С-200.
– Провокацијата на Израел ја сметаме за непријателски акт. Поради неодговорни акции на израелската армија загинаа 15 руски војници. Тоа воопшто не е во духот на руско-израелското партнерство, изјави Игор Конешанков, портпарол на руската армија.
– Имаме право да одговориме соодветно, додаде тој.
Во тек е операција за спасување во Средоземното Море.
Амбасадата на Израел во Русија засега не ја коментираше изјавата на Конешенков. Инцидентот се случи синоќа за време на напади на четири израелски авиони Ф-16 врз сириски цели во провинцијата Латакија.
В меѓувреме рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу телефонски разговарал со израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман, јавија руски медиуми, при што укажал дека Израел е целосно одговорен за соборувањето на рускиот воен авион и за загинувањето на екипажот во Сирија.
– Сергеј Шојгу истакна дека вината за соборениот руски авиони загинувањето на екипажот е целосно на израелска страна, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Тој нагласи дека поради неодговорна акција на воздухопловните сили се случила трагедија во која загинале 15 руски војници.
– Без оглед на постоечкиот договор за спречување опасни инциденти со Израел, Командата на руската група беше известена само неколку минути пред нападот на израелскиот Ф-16, наведува рускиот министер за одбрана.
Рускиот воен авион Иљушин 20 синоќа е соборен со ракета од сириски комплекс С-200. Инцидентот се случил за време на нападите на четири израелски авиони Ф-16 врз сириски цели во провинцијата Латакија.




