Различен состав и транспарентен избор на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), зголемување на надлежностите како што е пристапот до банкарските сметки на функционерите, прецизни рокови за одлучување како и зајакнето финансирање на Комисијата се главните измени во предлог-законот за борба против корупцијата и судирот на интереси за кој денеска дебатираа претставници на Владата, на невладиниот сктор, медиумите и независните регулаторни тела.
Бивши функционери и донатори на партии нема да бидат антикорупционери
Една од најзначајните промени кои се предвидуваат со предлог-законот е начинот на кој ќе се избираат членовите на ДКСК. Министерката за правда Рената Дескоска рече дека таа како министерка и работната група што работи на предлог-законот инсистираат во него да се имплементира препораката на ЕК во делот на транспарентноста на изборот на членови на ДКСК и утврдување на критериуми за избор што ќе значат одделување на Комисијата надвор од политиката.
„Еден од критериумите за избор на член на Антикорупциската комисија е кандидатот да не вршел политичка функција во Владата или во Парламентот ниту да бил донатор на политички партии во последните десет години. Воспоставени се критериуми и на искуство во спречувањето на корупцијата но секако гаранција е и постапката за избор во Собранието. При изборот, новинарски здруженија но и невладини организации кои што работат во оваа област ќе може да номинираат претставници кои што ќе учествуваат во интервјуирањето на кандидатите за членови на ДКСК“, појасни Дескоска.
Данче Даниловска од Институтот „Отворено општество-Македонија“ изрази задоволство од како што рече, разбирањето од министерството за правда кое се согласи од предлог-законот да биде избришан делот во кој Комисијата за спречување на корупцијата имаше надлежност да покренува иницијативи контрола на финансиското работење на невладините организации.
„Сведоци бевме на злоупотребата на ваквата надлежност на ДКСК кога 22 невладини организации беа предмет на политички и финансиски контроли токму по нејзина иницијатива. Сметам дека тоа можеа да го направат и другите финансиски институции“, рече Даниловска.
Разговорите меѓу функционерите да бидат јавни податоци
Пратеникот Павле Богоевски ја постави дилемата дали за финансирањето на ДКСК треба да се издвојува фиксен процент од Буџетот на РМ или да се изнајде друг начин на финансирање.
„Ова го зборувам затоа што секогаш кога во Собранието ќе предвидиме нешто за расправа тоа може да значи простор за политичко ценкање внатре во Собранието. И во обидот да постигнеме поголема ефикасност во борбата со корупцијата може да се најдеме во сосема спротивна насока“, рече Богоевски.
Тој имаше забелешки и во делот на отчетноста на идните членови на Комисијата. Како решение за ова, тој предлага во новиот закон да биде вметнато решението кое што постои во САД.
„Во САД секој разговор воден помеѓу двајца функционери се смета за податок од јавен карактер. По разговорот, функционерите се должни во било која постапка да дадат одговор кој, кога, колку пати и за што разговарал меѓу себе. Само така може да се стигне до непристрасно одлучување. Давање лажни информации се смета за критериум за поведување на одговорност против функционерот“, потенцираше Богоевски.
За Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл“ најважно е дали со овој закон ќе се реши кои надлежности ќе ги има Антикорупциската комисија и како таа ќе соработува со другите институции.
„Времето покажа дека претходниот закон за борба против корупцијата е надминат. Со новиот закон треба да се постават нови принципи за работа на ДКСК. Пред се’ тоа се однесува на одгворноста и интегритетот на членовите на Антикорупциската комисија. И нивната работа исто треба да подлежи на контрола. Исто така начинот на обработка на податоците за имотната состојба на функционерите. До сега тоа се правеше многу формално. Проверките не се проведуваа ефикасно. Ние не знаеме што точно се случува со имотите на функционерите. Сега Комисијата треба има пристап до податоците и сама да ги врши проверките.Затоа треба да има пристап до сите потребни бази на податоци, да може да доставува барања до сите институции, вклучително и до банките. За ова, ДКСК треба дополнително да се организира затоа што проверката на имотите на функционерите е тесно поврзана со судирот на интереси затоа што ние се уште не ги знаеме нивните интереси. Тие не ги пријавуваат истите. Тоа важи и за сопственоста во компаниите кои подоцна се јавуваат во различни постапки“, рече Тасева.
Антикорупциска не треба да бара потпис од министерот за финансии за секој денар
Максим Ацевски од Државниот завод за ревизија рече дека ниту една Антикорупциска комисија нема да има успех во работата доколку не се променат системските грешки во Изборниот законик.
„Во еден дел од Изборниот законик е дадено редовно комуницирање помеѓу сметките за редовно работење, сметките за обезбедени пари за кредити, сметките за аналитичките центри на партиите и пренесување на пари за изборната кампања. Тоа ти е класично на ти го, дај ми го. Во друг дел пак јасно се предвидува дека изборната кампања може да се финансира само преку членарина и донација на физички и правни лица. Оттука и прашањето како Државниот завод за ревизија и ДКСК ќе извршат ревизија на извештаите на партиите“, рече Ацевски.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации рече дека предло-законот е слаб во делот што се однесува на јавните набавки затоа што, како што рече тој, во законот има само две одредби од оваа област „но и тие две се бедни“.
„Политичка партија прави митинг кој на пример чини 50.000 евра. Партијата ќе каже кој, каква услуга ќе испорача а проток на пари за услугата нема. Па партијата ќе рече сето ова ме чинеше илјада евра. Подоцна истата партија на тие фирми ќе им даде тендер зголемен за таа вредност за да си го наплатат трошокот за тоа што го организирале митингот. Каде ќе ја спречиме таа појава со овој закон“, праша Филков.
Филков уште забележа и на делот на предлог-законот кој се однесува на судирот на интереси.
„Во изјавата за интереси што треба да се достави до соодветниот орган ве прашуваат дали имате близок член на семејството член на невладина организација а никој и никаде не ве прашува дали имате роднина член на политичка партија. Тоа е апсурдно“, кажа Филков.
Во насока на зајакнување на човечките ресурси, и Филков и Ацевски предлагаат независните регулаторни тела меѓу кои е и ДКСК да не мора за секоја потреба да бараат дозвола од министерот за финансии.
Комисијата за антикорупција ќе се состои од претседател и четири члена кои ќе бидат избрани во Собранието и без право на повторен избор пет години по првиот мандат. За потпретседател на Комисијата ќе важи принципот на ротација, со избор со мнозинство гласови на секои 6 месеци. Поради завршување на мандатот Антикорупциската комисија не работи веќе шест месеци.
Министерката Дескоска очекува дека ДКСК ќе биде формирана до крајот на октомври годинава.
Новиот предлог-закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси е ставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР на кој сите заинтересирани ќе можат да остават свои коментари и забелешки во врска со него.




