Владата ќе продолжи со политиките на зголемување на пензии, плати, социјална помош, субвенции за земјоделците и капитални инвестиции, бидејќи се покажа дека тие политики се добри, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарски прашања во Сојузот на здруженија на пензионери, во врска со критиките од опозицијата за Предлог-буџетот за наредната година.
– Во изминативе години навикнавме само на критизерство од опозицијата. Никогаш не слушнавме некој позитивен или конструктивен предлог како тие би ги решиле актуелните прашања. Залудно им е што се противат на зголемувањето на пензиите и на другите мерки за заштита на стандардот на социјалните категории, зголемување на субвенциите и капиталните инвестиции – истакна вицепремиерот.
Владата ќе продолжи со таквите политики, вели Ставревски, бидејќи се покажа дека тие политики се добри и за категориите на граѓани кои ги добиваат тие зголемени средства, и за економијата која, како што рече, е меѓу подобрите во Европа во вакви тешки времиња.
– Нашата позиција ќе биде да има средства и за едното и за другото. Се што можеме ќе направиме да има зголемување на пензии, плати, социјална помош и субвенции за земјоделци и многу повеќе средства за капитални инвестиции.
Ставревски порачува дека пензионерите треба да бидат сигурни во политиките на Владата, а доказ за тоа е што просечната пензија во наредната година со најавеното зголемување од пет проценти ќе достигне над 11.000 денари и ќе биде за 50 проценти повисока од онаа во 2006 година.