Со четири комплексни дела под наслов “Реколекции”, а создадени во последниве години, македонскиот уметник Игор Тошевски, до 10 октомври, по третпат се претставува пред германската публика, овој пат во проект изложбениот простор “Прима центар” во Берлин, објавува Вест.
Публиката од Берлин има можност да ги види “Слободната територија Супремус”, создадена во 2011 година, потоа “Сонатата за Клемент Гринберг” од 2012, па исклучително интересната “Споменификација”, проект врз кој Тошевски сe уште работи, во соработка со Харалд Шенкер, и во кој се претставени десетина отфрлени објекти во Скопје кои можеби немаат некоја естетска, но секако дека имаат интимна и историска вредност.
Во Берлин се претставени десетина објекти, од вкупно 22 колку што треба да ги има во комплетниот проект на Тошевски и на Шенкер.
Четвртиот дел од изложбата е уште една, овој пат трета адаптација на “Еден проклет миг”, кој својата премиера ја имаше во Музејот на современа уметност во Скопје, а втората верзија била во склоп на работата со “Кооперација”.