Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вечерва на прес конференција соопшти дека следниот чекор е да се разговара со пратениците во Парламентот за да се оцени дали има 2/3 мнозинство по што би започнала постапката за уставни измени.
-Ако нема Парламентот ќе се подготвува за предвремени парламентарни избори. Патот е јасен, нема друга алтернатива освен НАТО и ЕУ. Имаме огромно мнозинство преку 90% или 600.0000 и повеќе граѓани. На ниту едни избори вака изразена волја не постоела. Јасен е патоказот по кој не упатуваат граѓаните, изјави вечерва Заев, кому на говорницата во Александар Палас го придружуваше целата Влада.
– Европска Македонија доби повеќе гласови „за“ од кој било победник на изборите во независна Македонија. Дури и да имаше ценсус, дури и да гласаа милион и сто илјади граѓани, овој резултат од над 600 илјади гласови „за“ ќе значеше јасна определба „за“ европска Македонија. Народот направи многу важен избор, граѓаните кажаа „за“, рече тој.
Заев рече дека доколку одлуката е да има предвремени избори тогаш во рокот од 45 дена, тие би се одржале на 25 ноември. Но рече дека тоа е крајна алтернатива. Најави дека ќе побара средба и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за да разговараат за сите опзии. не сакаше да коментира зошто Мицкоски не сакал директно да одговори дали е за предвремени парламентарни избори.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе го оствари ветувањето дека ќе поднесе оставка доколку референдумот биде неуспешен Заев рече:
Денеска имаме успешен процес на референдум. Ако мнозинството видливи гласови беа против ќе го направев тоа. Но кога имате мнозинство, кога поголем број од гграшаните излегле и рекле за, не само што немам намера да поднесам оставка туку имам обврска да продолажам да ја направам Македонија членка на НАТО и ЕУ.
Тој потврди дека разговарал со грчкиот премиер Алексис Ципрас, истакнувајќи дека тој ја поздравил одлуката на мнозинството и дека одлуката испратила порака дека иднината е на храбртите и дека двете страни остануваат целосно посветени на имплементација на договорот.
Во врска со собирот пред Собранието, каде приврзаниците на движењето „Бојкотирам“ слават неуспехна референдумот Заев потсети на она што се содржи и во програматана ВМРО ДПМНЕ.
-Јас сум демократ и почитувам демократски права. Видов гужва пред Собранието. Секако ги почитувам сите граѓани. Да не заборавиме дека врвно демократско право е правото на избор и референдум. Сите политички партии рековме, никој освен граѓните нема да ја донесе одлуката. Дека на референдум ќе се донесе одлуката стои и во програмата на ВМРО ДПМНЕ, односно дека таа ќе биде врз основа на тоа како се изјасниле поголемото мнозинство, рече Заев.
Упати благодарност и до членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои презедоа одговорност за својата татковина и гласаа по сопствена волја, и покрај тоа, како што рече, што раководството на партијата заговараше бојкот.
– Сега кога имаме мнозинска изразена волја време е пратениците во Собранието да го следат гласот на мнозинството со цел да ги забрзаат процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ и да обезбедиме подобра иднина. Гласот на граѓаните е јасен повик до нив да му се приклучат на процесот и да работат за заедничката цел. Ги повикувам сите одговорни лидери, секој пратеник да се обединиме и да ја одведеме Македонија таму каде што припаѓа во ЕУ и НАТО, рече Заев.
Апелираше до опозицијата и до сите политички партии да се обединат околку државниот и националниот интерес и да ги тргнат настрана теснопартиските интереси.
– Знам јас, знае опозицијата, а знаат и граѓаните дека подобар договор со Грција нема и не може да има. Членството во НАТО и ЕУ нема алтернатива и не може да има. Да не си играме играчки со нашата иднина и со нашата Македонија, рече премиерот Зоран Заев.