Новинарот на „Вашингтон пост“ Џамал Кашоги, кој се води како исчезнат веќе неколку дена, е убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, тврдат турските власти.
Неговата свршемица тврди дека новинарот за последен пат бил виден во вторникот кога го посетил конзулатот и оттаму му се губи трагата.
Според официјално лице во Турција, првичната истрага упатувала на тоа дека Кашоги е убиен внатре, иако Турција засега нема дадено ниеден доказ за своето тврдење.
Саудиска Арабија ги отфрла овие обвинувања и изјави дека работи на негово пронаоѓање.
„Вашингтон пост“ соопшти дека евентуалното убиство на Кашоги би бил монструозен чин, додека во исто време, ова би можело да предизвика голема криза во односите помеѓу Турција и Саудиска Арабија.
Џамал Кашоги е познат како голем критичар на саудискиот принц Мохамед бин Салман и има 1,6 милиони следбеници на Твитер.




