Саудиска Арабија подготвува извештај во кој ќе признае дека исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги по грешка е убиен за време на информативен разговор во Конзулатот на таа држава во Истанбул, објави Си-Ен-Ен повикувајќи се на извори.
Според медиумот, во извештајот се вели дека смртта на Кашоги е резултат на „испрашување што тргнало во погрешна насока“, а чија цел требало да биде негово киднапирање од Турција.
Според еден извор, во извештајот ќе се заклучи дека операцијата е изведена без официјална дозвола и дека вмешаните ќе сносат одговорност.
Но, еден од изворите вели дека извештајот се уште се подготвува и можни се промени.
Турските власти извршија претрес
Тим составен од турски полицајци и иследници го напуштија Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул рано изутринава, откако, со согласност на саудиските власти извршија претрес по исчезнувањето на новинарот Кашоги.
Претресот траеше осум часа и беше извршен во текот на ноќта. Потоа членовите на турскиот тим, придружувани од саудиска делегација заминаа од дипломатското претставништво. Тие зеле примероци од почвата во градината, соопшти турски турски функционер.
Претресот во Конзулатот беше спроведен откако пред десетина дена таму исчезна новинарот и дисидент Џамал Кашоги.
Дали е употребена киселина во случајот со саудискиот новинар
Турската полиција истражува тврдења дека можеби е употребена киселина за да се уништи евентуалното тело на исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги, со цел да биде прикриено негово наводно убиство, пишува „Хуриет дејли њуз“.
Според порталот „Хабертурк“ полицијата и разузнавачката служба на Турција МИТ сериозно ги разгледуваат овие тврдења.
Сомнежите дека Саудијците во конзулатот во Истанбул веќе се ослободиле од телото ги изнесе Туран Кишлакчи, претседател на Турско-арапската медиумска асоцијација и пријател на саудискиот новинар.
– Полицијата и МИТ сериозно го сфаќаат тоа тврдење. Тие истражуваат дали телото на Хашоги било растворено во киселина, пишува „Хабертурк“.
Влегол во Конзулатот, но не излегол
Кашоги (59), кој од лани живее во егзил во САД, е долгогодишен новинар. Тој е ангажиран во „Вашингтон пост“ и е познат по критичките текстови за саудиските власти. Во неговите текстови тој ја критикуваше Саудиска Арабија и поради војната со Јемен и спорот со Канада.
„Вашингтон пост“, чиј соработник беше Кашоги, минатата недела објави дека турската Влада информирала високи американски претставници дека поседува видео и аудио записи, кои докажуваат дека Кашоги бил убиен во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул
Весникот наведува дека снимките укажуваат оти припадници на судиските безбедносни служби го привеле Кашоги по неговото пристигнување во Конзулатот на 2 октомври за да ги обебзеди потребните документи за венчавка, по што го убиле и го расекле неговото тело.
Снимките на гласовите во Конзулатот докажуваат што се случило со Џамал по неговото пристигнување, тврди извор на весникот запознат со содржината на записите, кој побарал анонимност. Изворот наведува дека на снимките може да се слушне како Кашоги бил приведен, сослушуван, измачуван и на крајот убиен.
Постоењето на ваквите записи објаснуваат зошто турските власти веднаш ја обвинија Саудиска Арабија за убиството на Кашоги, но не сакаат јавно да ги обелоденат снимките, бидејќи со тоа ќе се докаже дека Турција ги прислушува странските институции во земјата, наведува „Вашингтон пост“.
Турските власти не ги коментираат извештаите во кои се наведува дека владата на таа земја на американските официјални претставници им соопштила дека има аудио и видео докази дека Кашоги бил убиен во конзулатот.
Саудиските власти тврдат дека Кашоги влегол во конзулатот и набрзо го напуштил, меѓутоа, турските власти и неговата свршеница, која го чекала надвор, тврдат дека тој не излегол оттаму.
Саудискиот министер за внатрешни работи принцот Абдулазиз бин Сауд бин Најеф бин Абдулазиз ги отфрли како „неосновани лаги кои се шират за убиство на новинарот”. Министерот во официјална изјава рече дека Ријад „е поврзан со традицијата на почитување на правилата и меѓународните конвенции”.
Делегацијата на Саудиска Арабија пристигна во петокот во Турција. Анкара се согласи да се формира заедничка работна група со Саудиска Арабија, со цел да се утврдат околностите на исчезнувањето на новинарот.




