„Убеден сум дека пратениците од ВМРО ДПМНЕ се за Европската унија и НАТО и сега е историскиот момент тоа да го покажат на дело “ кажа координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, пред утрешната собраниска седница на која ќе продолжи дебатата за владиниот предлог за уставни измени. Пријавени за дискусија се околу 15 пратеници и доколку расправата заврши, утре ќе биде и гласањето. За да помине оваа прва фаза од уставните измени ќе биде потребно да гласаат најмалку 80 пратеници „За“.
„Ова раководство на ВМРО ДПМНЕ е исто, можеби и полошо од претходното предводено од Никола Груевски. Мицкоски ја срамоти државата и отворено се кара и расправа со најголемите и најверни наши стратешки партнери. Ова раководство отворено и јавно се однесува антизападно , но затоа пратениците од ВМРО ДПМНЕ имаат шанса да се издигнат над ставот на антизападниот партиски лидер и да се приклучат на процесот што обезбедува европска иднина“ кажа Тунтев.
„ Ги повикуваме сите пратеници, посебно пратениците од опозицијата да се приклучат на евроинтегративниот процес. Друг пат не постои – секој друг пат ја турка Македонија во изолации и кризи.
„ Доколку раководството на ВМРО ДПМНЕ продолжи по секоја цена да ја блокира иднината на државата, тогаш се неизбежни вонредни праламентарни избори кои ќе се одржат веднаш “ кажа Тунтев.
Од параламентарното мнозинство се надеваат дека утре ке се обезбеди двотретинско мнозинство за да почне постапката за отворање на Уставот.
„Целосно сме фокусирани на планот „А„ и тука правиме напори – за Брисел, Вашингтон и за Мала Речица нема план „Б“ , кажа координаторот на пратеничката група на ДУИ Артан Груби.
Груби не ги коментираше позициите на Мицкоски во писмото што му го испрати на Вес Мичел- само наведе дека партискиот претседател не е пратеник, и напомена дека соопштението во кое пишуваше дека пратениците на ВМРО ДПМНЕ ќе гласаат „против“ е испратено од партиското седиште.
„Очекувам сите 42 пратеници на ВМРО ДПМНЕ и ако сакате сите 48 пратеници од коалицијата на опозицијата да гласаат за ЕУ и НАТО“ кажа Груби.
„ Треба да се подржи првата фаза, а потоа заедно со опозицијата, академската јавност да ги пишуваме нацрт амандманите “ рече Груби.
Од ДУИ очекуваат сите 120 пратеници кои ветиле дека ќе ја интегрираат земјава во ЕУ и Нато и дека ќе го решат спорот со Грција – сега да го реализираат своето ветување.
За време на дебатата во Собранието, поголем број од пратениците на ВМРО ДПМНЕ се изјаснија дека немаат мандат да гласаат за уставни измени затоа што дале заклетва дека ќе го почитуваат Уставот. Дел од нив ги повикаа двајцата лидери Заев и Мицкоски да седнат на заедничка маса и да постигнат консензус, наместо одговорноста да падне само врз пратениците.