Европските пратеници вчера усвоија Резолуција со која се бара од властите во ЕУ да отворат истрага за Фејсбук поради вовлеченоста на оваа социјална мрежа во избори во повеќе земји.
Фејсбук ја “изневери довербата” на Европејците, дозволувајќи употреба, без нивно знаење на нивните лични податоци за време на скандалот Кембриџ Аналитика, вели документот на Европскиот парламент (ЕП).
– Фејсбук не само што ја изневери довербата на граѓаните на ЕУ туку исто така го наруши законот на ЕУ, пишува во Резолуцијата.
Пратениците бараат поголема транспарентност од оваа социјална мрежа и испраќаат повик до Европската агенција за безбедност на мрежите и информациите и Европскиот комитет за заштита на личните податоци, да отворат «комплетна и независна истрага на оваа платформа». Според пратениците, Фејсбук ги нарушил правата на милијарди лица во светот.
Предложените измени се:
– Јасно означување на платените политички реклами и организацијата што плаќа за промовирање на овие реклами;
– Јасно означување на содржината што ја делат ботови;
– Зголемена итност во отстранувањето лажни сметки;
– Зголемување на независните проверки на фактите за откривање и отстранување на дезинформации.
Резолуцијата доаѓа по скандалот на Кембриџ Аналитика, фирмата која употребувала, без знаење на корисниците, нивни податоци за политички цели. Пред се да му помогне на Брегзитот во Велика Британија и на Доналд Трамп да стане претседател на САД во 2016 година.
“Постоењето на мешање во избори е голем ризик за демократијата”, велат пратениците и бараат забрана на “профилирањето во политички и изборни цели” и регулирање на политичките реклами.
Според комесарката за заштита на потрошувачите Вера Јурова, Кембриџ Аналитика бил сигнал на тревога за ЕП:
– Изборните периоди се особено пригодни за дезинформирање и манипулација на приватните и странски интереси”, рече таа. Со тоа и европските избори во мај 2019 година не се заштитени од вакви акции.
Во мај годинава шефот на Фејсбук Марк Цукерберг беше во Брисел во ЕП за да се извини поради проблемите што дозволил да се случат а истото тоа го направи пред американските пратеници. ЕП оцени дека извинувањето не е доволно па ЕУ донесе регулатива за заштита на податоците.
Цукерберг во средата во Брисел, на една конференција, изјави дека ги дели вредностите на европската регулатива за заштита на податоците и му се заблагодари на ЕП што му била дадена можност да ги објасни промените воведени на Фејсбук.




