Владата го утврди текстот на нацрт амандманите и ги достави до Собранието. Четирите Нацрт амандмани се објавени на сајтот на Владата.
Прв амандман:
Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36.
Втор амандман:
Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „и на Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.
Трет амандман:
- Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
- Со точката 1 на овој амандман се дополнува членот 3;
Четврти амандман:
- Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.
- Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.
- Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство.
- Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
- Со овој амандман се заменува членот 49 од Уставот на Република Македонија.
Амандманите ќе стапат на сила кога Договорот и Протоколот за пристапување во НАТО ќе бидат ратификувани од страна на Парламентот на Република Грција. Доколку грчкиот парламент не ги изгласа овие два документи, нема да влезат во сила ниту предвидените амандмани.
Во согласност со Договорот, со уставен закон ќе биде утврдена примена на одредбата во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од органите на власт на Република Македонија.
За промените на Преамбулата на Уставот, Заев кажа дека одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од Првото заседание на АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор да биде конститутивен елемент на државата.
„Делот на АСНОМ се однесува на замена на одлуките со Прогласот на АСНОМ, заради тоа што, ако остане вака, тоа би предизвикало одредени проблеми во одредени можни идни времиња на соработката меѓу Македонија и Грција. Тоа е така затоа што дел од одлуките на АСНОМ велат „Македонци од Грција и Бугарија обединете се“. Прогласот го нема тој дел, туку во него се зборува за единството во државата, демократијата, државотворноста, слободата, човековите права и слично и тоа е фер пристап за градење пријателство. Впрочем, Договорот или Спогодбата со Грција е воспоставување на трајно пријателство со нашиот јужен сосед, појасни Заев.
Во однос на Охридскиот рамковен договор, кој се вметнува во Преамбулата на Уставот, премиерот рече дека „тој е дел од Уставот, вграден е, и тука само се додава формулацијата Охридски рамковен договор“.
Премиерот рече дека подобар Договор не може да се постигне, затоа што е праведен и ги отвора вратите на Македонија за влез во НАТО и ЕУ.